НЕ Е ХУМАНО, НИТУ ЕПИДЕМИОЛОШКИ ИЗДРЖАНО БАРАЊЕТО НА ОХРИД ДА СЕ ЗАТВОРИ ГРАДОТ ЗА ВРЕМЕ НА ВЕЛИГДЕН, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ КАРАЏОВСКИ

    НЕ Е ХУМАНО, НИТУ ЕПИДЕМИОЛОШКИ ИЗДРЖАНО БАРАЊЕТО НА ОХРИД ДА СЕ ЗАТВОРИ ГРАДОТ ЗА ВРЕМЕ НА ВЕЛИГДЕН, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ КАРАЏОВСКИ„Барањето се заснова и на фактот што во Охрид и околните крајбрежни населби има голем број на викенд станови и куќи чии сопственици во периодот на Велигденските и првомајските празници, ги користат за одмор и викенд престој“, велат од охридскиот Кризен штаб. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Не е хумано, не е коректно, ниту епидемиолошки издржано барањето на Општина Охрид да се забрани влез и излез за жители од други градови, вели епидемиологот од Институтот за јавно здравје, д-р Жарко Караџовски.

    Таа мерка во петокот ја побара Кризниот штаб на Општината за превенција и справување со коронавирусот од Владата, со цел да се намали, односно да се оневозможи посетата на градот за туристички, верски и рекреативни цели, објави тогаш на својот Фејсбук профил градоначалникот Константин Георгиески.

    „Прво такво прашање воопшто не е анализирано, второ, вторпат ќе повторам, може Скопје да има и 2 милиона жители и да се вика Скопје = Република Северна Македонија, и доколку тие граѓани ги почитуваат мерките, ќе нè биде. Затворање во својата ‘љуштура’, своето ‘гето’ кое се вика ’Затворено за останатите жители на државата‘, прво не е коректно, второ, тие луѓе плаќаат данок на општината каде живеете, каде градоначалникот собира пари од тие луѓе. Трето, општината добива помош од државата, заштитните средства доаѓаа од овде и спрема тоа затворање на локално ниво или создавање на такви виргинални подрачја во која нема да има влез, ниту излез на други граѓани сè со цел да се заштитиме ние, не е хумано, ниту коректно и не е епидемиолошки издржано. Сакам да ви кажам, сметајте дека во целата држава има КОВИД-19. За полесно да спиете и денес и утре, сметајте дека во цела држава има КОВИД-19“, рече денеска Караџовски на отворена дискусија во Владата.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека движењето практично ќе биде невозможно, со оглед на тоа дека на владина седница ќе се разговара полицискиот час да трае од петок попладне до вторник наутро.

    Во Струга има 43 заболени лица од коронавирус, а во Охрид 4.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира