НЕ Е ПОТРЕБНО ИНТЕРВЈУ ЗА НОВИ ВРАБОТУВАЊА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА М-НАВ ФАХРУДИН ХАМИДИ ЗА КАНДИДАТИТЕ КОИ ИЗБЕГАА ОД ТЕСТИРАЊЕ

    НЕ Е ПОТРЕБНО ИНТЕРВЈУ ЗА НОВИ ВРАБОТУВАЊА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА М-НАВ ФАХРУДИН ХАМИДИ ЗА КАНДИДАТИТЕ КОИ ИЗБЕГАА ОД ТЕСТИРАЊЕСиндикатот на инженерите бара огласот да се поништи во целост, бидејќи ниту еден од примените кандидати не исполнува основни предзнаења, за да продолжи понатаму; - Контролната кула на Скппскиот аеродром (Фото: Ѓ. Личовски)

    Не е потребно интервју за вработување на инженери во М-НАВ и кандидатите се вработени според закон, вели директор Фахрудин Хамиди откако вчера САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека лицата кои поминале на контроверзните огласи за инженерскиот дел, избегале од тестовите за селекција. Поради тоа, оставки на раководните инструкторски места си поднеле сите инженери, меѓу кои и еден од тројцата директори на М-НАВ Љубе Стаменковски.

    Директорот Хамиди, откако вчера во текот на денот не одговараше на повиците на САКАМДАКАЖАМ.МК, доцна синоќа испрати писмена реакција во врска со контроверзните вработувања. Вели дека целата постапка е спроведена согласно Законот за работни односи и услови предвидени во систематизацијата на М-НАВ, во која за студент-инженер пишува дека треба да поседува диплома од електротехнички науки, две години работно искуство, лекарско уверение класа 4, познавање англиски јазик.

    Но во писмото со оставките на раководните позиции во М-НАВ, на чело со еден од директорите на М-НАВ Љубе Стаменковски, претседателот на УО Фахрудин Хамиди е известен дека на инженерите и на инструкторите им е оневозможено да го проверат предзнаењето на кандидатите пред склучувањето на договорот за вработување, што е обврска според членот 25 став 6 од Законот за работни односи.

    По петчасовните преговори на Синдикатот на контролори на летање и менаџментот на М-НАВ на 11 октомври кај министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, а по повод најавениот генерален штрајк најавен за 12 октомври, се постигна договор во иднина да се примаат само стручни и само потребни кадри во Агенцијата, а селекцијата да ја вршат инженерите и инструкторите.

    По тој повод, велат во синдикатот, со тројцата директори на М-НАВ бил направен акционен план за начинот на селекција при идните вработувања. Оттаму и секторот за воздухопловна техника се ангажирал за последниот контроверзен оглас сепак да состави прашања за основни предзнаења на кандидатите за инженери и инструктори кои се пријавиле на огласот, за да ги одбере најдобрите кои би ја продолжиле натамошната обука со договор за вработување.

    Место тоа, наишле на веќе одбрани кандидати за вработување. Дури и кога сакале овие ексклузивно одбрани кандидати да ги проверат, тие одбиле да ги одговорат прашањата, бидејќи не ги знаеле.

    Синдикатот на инженерите во оставките бара огласот да се поништи во целост, бидејќи ниту еден од примените кандидати не исполнува основни предзнаења за да продолжи понатаму. Не им биле соодветни ни дипломите, на ниту еден од 7-те примени. Тие имале дипломи од ФЕИТ, но за сектор електроенергетика. Во огласот било наведено какви дипломи треба, за да може натаму кандидатите да се едуцираат и да се стекнат со диплома за АТСЕП персонал.

    „Интервју се спроведува во случај за едно работно места да има два или повеќе кандидати кои ги исполниле условите. Во нашиот случај со инженери и техничари имавме само по еден кандидат за сите 7 работни места. Важно е да се потенцира дека согласно истите услови се примени инженери во М-НАВ пред 4 години и за истото немаше негодување. Примените кандидати 2 инженери и 1 техничар понатака ќе бидат на он-џоб тренинг согласно програмата за обука која трае околу една година. Безбедноста во ниту еден случај не е загрозена, новите вработени нема да бидат вклучени во оперативно делување пред стекнување на соодветно овластување од стручните инструктори. Ако не се стекнат со овластување ќе добијат отказ“, вели Хамиди во писмената реакција.

    Директорот вели дека инженерите кои сега „негодуваат и праќаат допис за оставки до Управниот одбор се контрадикторни, бидејќи истите се промени во М-НАВ со истите критериуми како и новите вработени од завчера“.

    „Негодувањата се тенденцеозни и немаат основа“, додава Хамиди.

    Во четвртокот, стручниот колегиум на воздухопловна техника го известил Управниот директор на М-НАВ составен од директорите Фахрудин Хамиди, Хасим Деари и Љубе Стаменковски дека пропаднала селекцијата на кандидатите кои биле избрани набрзина на последниот оглас распишан пред две недели, за местата 5 инженери и двајца техничари.

    Претходно, раководните авторитети во воздухопловна техника срочиле прашања за основни предзнаења на кандидатите, за да видат кој од нив може понатаму да ја продолжи обуката, односно да биде вработен. По овие интервјуа, требало да спроведат и усно интервју со секој од кандидатите, за согласно условите во огласот, да се изберат тие со најдобрите резултати за вработување во сфера од која најдиректно зависи безбедноста на авиосообраќајот.

    Кога ги виделе прашањата, кандидатите рекле „Ние ова не го знаеме!“, по што се договориле да не ги одговараат.

    Стручниот колегиум со ова писмо побарал од директорот Фахрудин Хамиди овие кандидати никако да не бидат вработени без проверка на нивното предзнаење.  Но, промена на ставот на УО на М-НАВ немало. Огласот не само што не бил поништен  туку се дознало и дека кандидатите што одбиле тестирање за селекција, всушност веќе биле примени на работа.

    Поради ваквите контроверзни вработувања оставки од раководни наставни и инструкторски позиции си поднеле: едниот од тројцата директори Љубе Стаменковски, кој патем е и инструктор, потоа раководителот на информатички и надзорни технологии, раководителот на одделот за надзорни системи, раководителот на одделот за навигациски системи, раководителот на електро-енергетски системи и раководителот на одделение за воздухопловна техника Охрид.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира