НЕ ФАЛАТ 200.000 ДОЛАРИ, СТАНУВА ЗБОР ЗА ВЕТЕНИ ДОНАЦИИ, РЕАГИРААТ ОД ФОНДАЦИЈАТА „МАКЕДОНИЈА 2025“

    НЕ ФАЛАТ 200.000 ДОЛАРИ, СТАНУВА ЗБОР ЗА ВЕТЕНИ ДОНАЦИИ, РЕАГИРААТ ОД ФОНДАЦИЈАТА „МАКЕДОНИЈА 2025“

    Организацијата „Македонија2025“ реагираше на текстот „Фалат 200.000 долари од ланската вечера со Груевски и Буш во Охајо“, објавен на 26 мај, со објаснување дека не станува збор за собрани, туку за ветени донации кои треба да се реализираат во наредните 5 години.

    „Во земјите како Канада и САД каде донациите се многу честа пракса, кога големи корпорации или приватни лица донираат поголеми средства, тие никогаш не донираат пари во кеш, туку, нивните донации се „ветени/обврзани“ (pledged/committed). Toa значи дека донаторите се обврзуваат дека ќе префрлат средства на сметката на примателот, но тие средства ретко се префрлаат одеднаш, туку во текот на одреден период и во повеќе транши. Вкупната вредност од 1 милион долари вклучува обврзани донации кои не се вклучени во сметководствениот период во 2015. Тоа се ветени донации кои очекуваме да бидат реализирани во текот на наредните 5 години“, стои во дописот до СДК.МК кој организацијата го насловила како Демант.

    Од организацијата дополнително демантираат и “било каква инволвираност помеѓу фондот за образовни активности на Македонија2025 и било кој политичар или политичка партија во Македонија, вклучувајќи го и поранешниот премиер. Галата во Охајо беше во целосна организација на Македонија2025, а државни претставници беа поканети како гости со цел да го доделат Медалот за заслуги на поранешниот Претседател Буш, согласно протоколот за доделување на државни признанија. Ниту еден денар од средствата кои беа собрани не се и никогаш не биле наменети за македонски официјални претставници.“

    Во демантот пишува и дека „за секој настан кој Македонија2025 го организира, вклучувајќи ја и Гала вечерата во Колумбус организацијата најтранспарентно и најодговорно ги информира поддржувачите и јавноста за случувањата. Според тоа, во објавата за Гала вечерата беше напишана вкупната сумата која негативно ја имплицира авторот на написот, а ние целосно ги демантираме негативните импликации. Годишниот извештај на Македонија2025 е доказ за транспарентноста на организацијата кон своите донатори и останати партнери. Истиот е јавно објавен на сите канали за комуникација на организацијата и доставен по пошта или електронски до сите донатори.“

    Во дописот до СДК.МК стои дека „ Македонија2025 е независна, непартиска и невладина организација која се држи до своите строги професионални начела кои се под постојан надзор на одборот директори составен од светски реномирани професионалци.

    „Благодарение на донаторските активности во 2015 година, формиравме Фонд за образование од кои средства во 2016 почнавме да доделуваме стипендии. За Проектот Лидер беа доделени 40 стипендии за претприемачи, а во моментот се одвива процесот на селекција на кандидати за стипендии за извршни обуки во Канада. Дополнително организацијата работи на финализирање на партнерства со северно американски универзитети за доделување на стипендии за професионалци од различни профили кои ќе бидат објавени до крајот на 2016“, стои во демантот испратен до СДК.МК по повод објавениот текст.

    „Остануваме доследни на нашето ветување дека 100% од донациите ќе се наменат за образовни програми. Нашата професионалност е докажана преку настаните и програмите кои сме ги организирале во земјата и странство со цел да го потпомогнеме зајакнувањето на економскиот раст на земјата. Членовите на организацијата се нејзини најголеми донатори со што ја покажуваат личната верба во можноста земјата да напредува, а организацијата да предизвика позитивна промена во општеството. Со нивите членарини во целост ги покриваме оперативните трошоци на организацијата и имплементираме голем број на програми. Членовите на организацијата донираат време и средства за да придонесуваат во развојот на Р. Македонија бидејќи силно веруваат во иднината на земјата“, стои во реакцијата по повод текстот „Фалат 200.000 долари од ланската вечера со Груевски и Буш во Охајо“, објавен на 26 мај.

    Текстот на кој се однесува демантот можете да го прочитате тука: http://sdk.mk//index.php/makedonija/falat-200-000-dolari-od-lanskata-vechera-so-gruevski-i-bush-vo-ohajo/

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира