Премиерот Зоран Заев нема да бара оставка од генералниот секретар на Владата Драги Рашковски во врска со набавката системот за следење воздушен сообраќај за потребите на М-НАВ и побара од новинарите да не го прават салата неговиот соработник, бидејќи, како што кажа Заев, тој се извинил до небо и поради тоа не може да биде арогантен човек. Заев кажа дека првин треба да се согледаат последиците од целиот настан, па потоа да се донесе одлука, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето на контролниот центар за патарини во Петровец.
„Случајот со ‘Леонардо’ го затекнавме кога дојдовме како Влада. Се работи за тендер што е завршен во 2016 година, но постапката до крај не е завршена. Тоа беше јавно, детално објаснето. Тужба како Влада, нема да поднесеме, но секој како физичко лице тоа може да го стори за да го заштити својот дигнитет и достоинство. Кога прифаќаме одредени функции свесни сме дека треба да бидеме под лупа на јавноста, но тоа не значи да бидеме и боксерски вреќи, некој да не прави салата“, изјави Заев.
За навредите на Рашковски кон Италијанците и Ромите, кажани на нелегално снимен состанок, за кој самиот генерален секретар потврди дека разговорот е автентичен, Заев рече дека ќе се извини лично од име на Владата.
„Италија е наш докажан пријател, а и на ромската заедница ѝ даваме посебно место. Ја користам приликата за извинување во име на Владата“, кажа Заев.