ТЛЕЕ ПОЖАРОТ КАЈ БОГДАНЦИ, СÈ УШТЕ НЕ Е ПОД КОНТРОЛА, ВЕЛИ ЦУК

    ТЛЕЕ ПОЖАРОТ КАЈ БОГДАНЦИ, СÈ УШТЕ НЕ Е ПОД КОНТРОЛА, ВЕЛИ ЦУКВчера постоеше опасност пожарот да се прошири кон ветерниот парк Богданци, и 'три ер' трактори на ДЗС полетаа за да помогнат на пожарникарите од Гевгелија. (Фото: ЦУК)

    Нема активно горење на пожарот кај Богданци, чад има на повеќе места и пожарот сѐуште не е ставен под контрола, се последните информации од директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

    Пожарот избувна вчера околу 11 часот во месноста Брдаров Камен, веднаш до препумпната станица на хидросистемот Дојранско Езеро, каде има нискостеблеста деградирана шума и сува трева.

    „Пожарникарите од Гевгелија, Валандово, Кавадарци и Штип, заедно со тим од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Национални шуми и јавното комунално претпријатие од Богданци, се обидуваат да го заобиколат пожарот од сите страни за да го изгаснат. На терен се вкупно околу 65 лица како и градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов. Доколку во подоцнежните часови дојде до разгорување на пожарот на располагање стојат 3 ‘ер трактори’ на ДЗС како и два хеликоптера на МВР“, вели денеска Ангелов.

    Од ЕСМ соопштија дека нивни екипи се на терен и утврдено е дека нема никакви штети на ветерниците. Исто така нема никакви сигнали или исклучувања од заштитата во трафостаницата. По направената проверка на филтрите и јавувачите за пожар во секоја ветерница ветерниците се повторно вклучени во производниот процес.

    Англов синоќа кажа дека состојбата не е алармантна, ниту едно населено место не е загрозено, гори нискостеблеста деградирана шума, грмушки и трева. Вчера постоеше опасност пожарот да се прошири кон ветерниот парк Богданци, и три ‘ер трактори’ на ДЗС полетаа за да помогнат на пожарникарите од Гевгелија. Ангелов вчера за телевизиите  изјави дека пожарникарите ја спасиле пунктната станица Ѓавато, од која со вода се полни Дојранското Езеро, а која била загрозена и постоело опасност да изгори.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира