НЕ ИМ ДОЗВОЛИВ НА БРАТУЧЕДИТЕ ДА КОНКУРИРААТ ЗА ГРАНТ ОД ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ, Ѝ ОДГОВОРИ ЗАЕВ НА РАНГЕЛОВА ВО СОБРАНИЕТО

    НЕ ИМ ДОЗВОЛИВ НА БРАТУЧЕДИТЕ ДА КОНКУРИРААТ ЗА ГРАНТ ОД ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ, Ѝ ОДГОВОРИ ЗАЕВ НА РАНГЕЛОВА ВО СОБРАНИЕТОСпоред премиерот Зоран Заев, судир на интереси би имало ако фамилијарната фирма „Мамас“ учествувала на конкурсот, иако нема прекршување на законот, бидејќи има неетички однос компании да добијат државни пари, а во нивната сопственост да учествуваат функционери.(Фото: К.Попов)

    Премиерот Зоран Заев не им дозволил на неговите братучеди, сопственици на фирмата „Мамас“, иако имале можност, да конкурираат за средства од Фондот за иновации и технолошки развој и тие од етички причини не се пријавиле.

    „Судир на интереси има. Нема прекршување на законот, но има неетички однос во тоа компании да добијат државни пари, а во нивна сопственост да има функционери. Сите 12 компании за производство на ајвар во Македонија ќе аплицираат и најверојатно ќе добијат, бидејќи се работи за фонд кој може да достигне 70 милиони евра. Но ‘Мамас’ нема да се бори и со тоа конкурентите ќе имаат предност, но јас сум свесен за тоа. Етичкиот дел е поважен од законскиот“, одговори премиерот Зоран Заев, на прашањето на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

    Пратеничката Рангелова му се заблагодари на Заев за, како што кажа пратеничката, искрениот одговор и му кажа дека згрешил што не им дозволил на роднините да конкурираат.

    „Ценам кога некој искрено зборува. Не сте во право кога не сте им дале на роднините да аплицираат за ајварот зошто вие таму не сте сопственик“, рече Рангелова.

    Премиерот Зоран Заев запрашан дали државата е запознаена со неправилностите во работата на универзитетите кои имаат седиште во Струга, рече дека ќе даде налог институциите да ги проверат тие наводи.

    „Кажете за кој конкретно универзитет барате да се испита работењето. Ако мислите на тој чии сопственик е градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кажете. Ќе дадам налог до просветната инспекција да ги испитаат тврдењата дека има неправилност во неговата работа. Ако се сите, тогаш ќе наложам Просветниот инспекторат да ја контролира нивната работа и ако има неправилности ќе се побара да се исправат“, одговори Заев на прашањето на пратеникот на Алијансата за Албанците Сурија Рушити.

    Премиерот Заев рече дека СДСМ ги нема повлечено кривичните пријави против функционерите на ДУИ и другите кои ги поднеле кога ги објавувале прислушуваните разговори.

    Пратеникот на Алијансата за Албанците Сурија Рушити го праша премиерот Заев што е со кривичните пријави поднесени против функционери на ДУИ. Премиерот Заев рече дека она што го знае го знае од медиумите.

    „Јас тоа што го знам го гледам од телевизија и од таму се информирам Знам дека има процесуирани пријави. СДСМ нема повлечено ниту една пријава“, рече Заев.

    Заев рече дека една од кривичните пријави кои СДСМ ги поднесе до јавно обвинителство по објавување на прислушуваните разговори била отфрлена. Кривичната пријава била против поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, вработен во Телеком, за барањето да се исклучат телефоните на СДСМ.

    „Предистражната постапка покажала дека телефоните на СДСМ не се исклучени и останало тоа на муабет. Таа пријава е повлечена“, рече Заев.

    Пратеникот Рушити на премиерот Заев му рече дека во конкретниот случај е странка која обвинува, па би било добро тој подобро да се информира до каде се кривичните постапки.

    Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој ја води седницата за пратенички прашања, даде пауза од еден час.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира