„Кога министерот донесува одлука таа не се преиспитува, тоа е апсолвирано прашање, да не се повторувам. Почитуваниот доктор Сашко Јовев останува да работи на Клиниката за кардихирургија и ја има целата моја поддршка“, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити. Министерот на 5 јуни го разреши кардиохирургот, кој ја водеше првата трансплантација на срце во земјава и уште седум други, и кажа дека е поради нерегуларности во работата и оти одлуката нема политичка заднина.
Меџити, кој доаѓа од Клиниката за неврологија, на денешната прес-конференција за првите 100 дена откако е дојден на министерска функција, кажа дека утрово пиел кафе со д-р Јовев, дека се почитуваат како колеги, и дека не разговарале за неговата понуда да му биде советник за кардиохирургија.
Д-р Јовев, завчера кажа дека не смета оти се работи за политички реваншизам, туку за суета, бидејќи министерот не присуствувал на свечено отворање на хибридна сала на Клиниката. Неговиот адвокат рече дека во решението за разрешување е наведено оти причината е дека д-р Јовев во 2022 два пати дежурал без согласност од министерот, а во тоа време беше Беким Сали на таа функција.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека нема политика во разрешувањето на д-р Јовев, и дека министерот за здравство е тој кој управува со сите организации во рамки на Министерството.
- НЕМА ПОЛИТИКА ВО РАЗРЕШУВАЊЕТО НА ДИРЕКТОРОТ НА КАРДИОХИРУРГИЈА Д-Р ЈОВЕВ, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ
Б. НЕСТОРОСКА