(Специјално од Белград: Ана Антевска)
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Белград на состанокот на Отворен Балкан уште еднаш кажа дека меѓу Македонија, Србија и Албанија не треба да има граници. Тој во воведното обраќање рече дека не му е јасно како странските земји кои меѓу себе немаат граници финансираат проекти во Западен Балкан за подобро гранично управување.
„Ние сме веројатно единствениот регион во светот, особено во Европа кој што има граници меѓу себе. Никако не можев да разберам во минатите години кога претставници на држави кои меѓу себе немаат граници доаѓаат и ни финансираат проекти за унапредување на граничното управување. Затоа сметам дека наша цел треба да биде комплетно укинување не само на административните бариери меѓу Македонија, Србија и Албанија, туку и комплетно кревање на рампите и правење на регион кој што комуницира меѓу себе по сите основи”, рече Ковачевски.
На состанокот, трите земји ќе потпишат договор во однос на извозот на основните прехранбени производи, односно доколку некоја земја донесе одлука за забрана за избор на основните продукти таа забрана да не важи и за земјите од Отворен Балкан. Како што најавија лидерите Александар Вучиќ, Еди Рама и Димитар Ковачевски, ќе се разговара и договараат начини за соработка и за справување со енергетската криза и снабдувањето со струја.