НЕ МОЖЕ СИТЕ ДА ЛЕГАЛИЗИРААТ, А НЕКОЈ КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРА, АКО НЕ СЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ТРЕБА ДА СЕ УРНАТ 50.000 ДОМОВИ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    НЕ МОЖЕ СИТЕ ДА ЛЕГАЛИЗИРААТ, А НЕКОЈ КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРА, АКО НЕ СЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ТРЕБА ДА СЕ УРНАТ 50.000 ДОМОВИ, РЕЧЕ ЗАЕВЗаев кажа дека Законот повторно ќе биде вратен во собраниска процедура и ќе бидат земени во предвид забелешките на претседателот, но и на јавноста. (Фото: К. Попов)

    Ако не се донесе новиот Закон за легализација на дивоградби, кој вчера не го потпиша претседателот Стево Пендаровски, ќе треба да се урнат 50.000 домови, рече премиерот Зоран Заев. Тој кажа дека сега, откако законот не стапи на сила, повторно ќе биде вратен во собраниска процедура и ќе бидат земени предвид забелешките на претседателот, но и на јавноста.

    „Овој закон е предложен од страна на Владата кон крајот на 2019 година по предлог на ЗЕЛС и градоначалниците, со цел да се спасат 50.000 градби на граѓани кои се на прагот на сиромаштијата односно немале пари да платат елаборати и да легализираат со претходниот закон. Ако не го донесеме законот тогаш инспекциските служби, градоначалниците и Општините треба веднаш и одма да тргнат да ги рушат овие преку 50.000 домови на граѓани“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешниот увид на градежните работи за реконструкција на улицата Орце Николов во скопско Дебар Маало.

    Во однос на членот кој дозволува од кривично гонење да бидат ослободени они кои граделе на диво, Заев рече дека таа одредба не може да се смени.

    „Кога носите ваква одлука да се даде шанса 50.000 домови да ги легализирате, тогаш не можете тие претходните кривично да ги гоните, не е уставно.  Ако алудирате на господинот Јакимовски ,тој има 3 кривични дела, двете пријави немаат врска со легализација, а третата има повеќе од три обвиненија од кои едното е за легализиаицја. Не може сите да легализираат,  а некој кривично да одговара“, рече Заев.

    Со 72 гласа „за“ на 11 мај пратениците од власта и опозицијата го донесоа новиот Закон за легализација на дивоградби со кој се дозволува да се легализираат објекти и во национални паркови и во заштитна зона на извори за вода за пиење, а од кривична одговорност се ослободени оние кои граделе на диво.

    Откако вчера претседателот Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот, сега, според законодавната постапка, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање во рок од 30 дена од денот на донесувањето, и ако го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише Указот.

    Претседателот не го потпиша Указот оти смета дека Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот. Тој смета дека Законот не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи. Тој кажа и дека со Законот се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира