Со полициски спровод утринава обвинетиот Миле Јанакиески беше спроведен од Шутка во Основниот суд Скопје 1, на судењето за одмаздничкото уривање на големиот објект Космос на Фијат Цаноски.
Четворица адвокати на нарачателот на уривањето Никола Груевски дојдоа на судењето, но, него го нема оти е избеган во Унгарија.
„Миле Јанакиески, вие сте во притвор сега?“, го праша судијата Огнен Ставрев.
“За жал да. Старите велат, не можете по магарето, удрете по самарот”, рече Јанакиески.
Обвинителот од СЈО побара судот да му одреди мерка притвор на Груевски за овој предмет именуван како ТНТ, бидејќи пратеникот е недостапен. Побара Груевски да биде притворен, веднаш штом ќе биде екстрадиран или најден. Веднаш предложи и да му се суди на Груевски во отсуство.
Одбраната, се противи и на двата предлога.
“Груевски е оправдано отсутен, не може да дојде на ова рочиште, бидејќи ја напуштил Македонија за да бара азил. Не може да ја напушти Унгарија, бидејќи би го изгубил сатусот на барател на азил”, рече неговиот адвокат.
С. К. ДЕЛЕВСКА