НЕ МУ Е ЦЕЛАТА ГАРДЕРОБА НА БОКИ КУПЕНА, ДОБАР ДЕЛ МУ Е ПОДАРОК ОД ДИЗАЈНЕРИ, СВЕДОЧЕШЕ СЕРГЕЈ ВАРОШЛИЈА

    НЕ МУ Е ЦЕЛАТА ГАРДЕРОБА НА БОКИ КУПЕНА, ДОБАР ДЕЛ МУ Е ПОДАРОК ОД ДИЗАЈНЕРИ, СВЕДОЧЕШЕ СЕРГЕЈ ВАРОШЛИЈАСергеј Варошлија кажа дека при апсењето на Боки 13 на граница на куп им биле спакувани работите во пет заеднички куфери, во еден чевли, во друг маички итн., велејќи дека не било сè од запленетата гардероба во сопственост на Боки. - Обвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13; Сведокот Сергеј Варошлија (Фото: К. Попов)

    Обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 за рекетирање на бизнисменот Орце Камчев од 1,5 милиони евра и потоа перење на тие пари, како што стои во обвинението за „Рекет“, денеска почна со сослушување на сведоците што ги предложи тој. Поранешниот водител на „1тв“, Сергеј Варшлија на прашање на адвокатот на Јовановски тврдеше дека дел од скапата брендирана гардероба што ја заплени обвинителството Боки ја добивал на подарок од светски познати дизајнери и дека не му е сè купено, како што се тврди во обвинението.

    „Дали знаете дека обвинителството има докази од фискални сметки дека Бојан Јовановски гардеробата ја купувал од скапи брендови“, го праша обвинителката Вилма Русковска.

    „Јас не тврдам дека сè му било подарено и дека Боки не купувал скапа брендирана облека. Јас само ви кажувам дека добар дел му е подарена“, ѝ одговори Варошлија на вкрстеното испрашување.

    „Велите дека бабата на Боки Евгенија му оставила во наследство материјални добри од поголема вредност. Знаете ли дека долго време ги познавам лично мајката и бабата на Боки“, го праша Русковска сведокот.

    „Да, познато ми е“, рече тој, а Русковска дека нема повеќе прашања за него.

    Претходно, сведокот одговараше на прашањата на одбраната, опишувајќи го и моментот на апсење на 15 јули 2019 на граница кога требало да патуваат заедно на одмор. Кажа дека на куп им биле спакувани работите во пет заеднички куфери, во еден чевли, во друг маички итн., велејќи дека не било сè од запленетата гардероба во сопственост на Боки.

    Претходно, сведокот Александар Кртов, сопственикот на галерија, во сведочењето кажа дека вредните слики запленети во домот на Боки во Орман, по неговото апсење, обвинетиот не ги купил, како што се вели во обвинението, туку дека му биле дадени на реверс.

    Повлечени се тројца сведоци, Дејан Панделески, Владимир Тодоровиќ и Јовче Ременски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира