НЕ НИ Е ВО ИНТЕРЕС ДА ГИ КАЖЕМЕ НАШИТЕ ПОЗИЦИИ ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ДОДЕКА НЕ СЕ ИЗЈАСНАТ ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ, ВЕЛИ ОСМАНИ

    НЕ НИ Е ВО ИНТЕРЕС ДА ГИ КАЖЕМЕ НАШИТЕ ПОЗИЦИИ ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ДОДЕКА НЕ СЕ ИЗЈАСНАТ ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ, ВЕЛИ ОСМАНИОсмани рече дека не сака нашите ставови да бидат злоупотребени ниту во дебатата во Софија, ниту да се изложат нашите позиции без да се знае кои ќе бидат позициите на земјите членки. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека го нема добиено формално предлогот на Француското претседателство за одблокирање на македонските евроинтеграции и додека за него не се изјаснат земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, не е во наш интерес да ги кажеме нашите позиции. На денешната прес-конференција со ватиканскиот надбискуп Пол Ричард Галагер, Османи рече дека ги следи со внимание сите јавни објави и сите реакции на граѓаните и би сакал да може да каже повеќе.

    „Тоа што се случува е дека вчера има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што Француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да каже свој став“, рече тој.

    Османи додаде дека доколку се унифицира, а и Бугарија го каже својот став, тогаш и ние ќе ги кажеме нашите ставови.

    „Очекувам разбирање, правиме анализа на секој збор, на секоја реченица, но сметам дека треба да ја испочитуваме процедурата, да чекаме како ќе се изјаснат 27 земји членки, односно 26, имајќи предвид дека Франција има дистрибуирано свој став“, вели министерот за надворешни работи.

    Понатаму тој рече дека не сака нашите ставови да бидат злоупотребени ниту во дебатата во Софија, ниту да се изложат нашите позиции без да се знае кои ќе бидат позициите на земјите членки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира