ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ Е ЧЕКОР ВО ПРАВИЛНА НАСОКА, НО ТРЕБА ДА СЕ РАЗЈАСНАТ НЕКОИ ПРАШАЊА ПРЕД ДА СЕ КРЕНЕ ВЕТОТО, ВЕЛИ РАДЕВ

    ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ Е ЧЕКОР ВО ПРАВИЛНА НАСОКА, НО ТРЕБА ДА СЕ РАЗЈАСНАТ НЕКОИ ПРАШАЊА ПРЕД ДА СЕ КРЕНЕ ВЕТОТО, ВЕЛИ РАДЕВПретседателите Румен Радев и Стево Пендаровски пред заминување на заедничко честување на „Св. Кирил и Методиј“ на 24 мај 2021 година. (Фото: СДК.МК)

    Бугарскиот претседател Румен Радев денеска кажа дека францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции е чекор во правилната насока, но смета дека остануваат неколку прашања кои што треба да бидат разјаснети пред да биде кренато бугарското вето.

    „Предлогот на Француското претседателство е чекор во правилната насока, но остануваат редица прашања кои што треба да бидат разјаснети пред да биде кренато ветото“, изјави Радев пред бугарските новинари.

    Радев вели дека внесувањето на Бугарите во македонскиот устав пред почетокот на пристапните преговори со ЕУ е „задолжителен, но недоволен услов“ и потоа ги повтори неговите познати ставови за „искоренување на децениската политика на дебугаризација, кражба и фалсификување на бугарската историја“.

    Тој го нападна бугарскиот премиер Кирил Петков дека не успеал да изработи бугарски предлог, а одговорноста за францускиот предлог ја префрлил на бугарскиот парламент.

    „Не може премиерот да внесува странски предлог без свое мислење. Тој не е курир, туку премиер“, вели Радев.

    Предлогот на Француското претседателство вчера беше доставен до комисијата за надворешни работи на бугарскиот парламент и таму треба да биде донесена одлуката дали ќе биде прифатен и ќе биде кренато бугарското вето за почеток на преговорите меѓу ЕУ и Македонија.

    Следната недела (23 и 24 јуни) се одржува состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, каде што Петков треба да ја соопшти одлуката дали има промена на бугарскиот став. Тој синоќа кажа дека тоа зависи од одлуката на парламентарната комисија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира