И МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ДА ИМААТ СВОЈА ИЗЈАВА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА СО ЕУ, ВЕЛИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ

    И МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ДА ИМААТ СВОЈА ИЗЈАВА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА СО ЕУ, ВЕЛИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГЕвропската комисија ќе мониторира и дали има говор на омраза во Македонија - од отварањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола - (Фото: СДК.МК)

    Во францускиот предлог со кој Бугарија треба да го крене ветото за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, стои дека употребата на македонскиот јазик за документите ќе биде означена со еднострана декларација и на Македонија и на Бугарија, а овие декларации ќе бидат приложени кон записникот од првата меѓувладина конференција.

    „Во однос на преводите на концептот на европското законодавството (acquis) на македонски јазик, ЕУ ја забележува соодветната намера на Бугарија и на Северна Македонија да дадат еднострана декларација за македонски јазик“, се вели во предлогот кој САКАМДАКАЖАМ.МК го доби од дипломатски извори.

    Освен ова, во принципите кои ги регулираат преговорите во преговарачката рамка се истакнува и тоа дека „Посебно внимание треба да се даде на заштита и недискриминаторски третман на граѓаните кои припаѓаат на малцинствата, или заедниците“.

    „За да се обезбеди неповратност на напредокот во овие области и неговото целосно и ефективно спроведување, напредокот ќе продолжи внимателно да се следи од страна на Комисијата, која за тоа редовно ќе известува до Советот“, се вели во предлогот.

    Исто така, Унијата очекува антидискриминација и борба против говорот на омраза да биде во клучните реформи и во законодвстото. За тоа Македонија треба да усвои и Акциски план „посветен на заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата или заедниците, меѓу другото и на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, амбиент да се создадат ефективни мерки, механизми за известување и да се идентификуваат соодветните одговорни институции“.

    „Постојано ќе се следи имплементацијата на овој патоказ и Акционен план и редовно ќе се разгледува на Меѓувладините конференции во текот на целиот процес“, се вели во предлогот.

    Во овој предлог за преговарачката рамка на француското претседателство, фактички се прифаќаат сите барања на Бугарија, освен барањето за непостоењето на македонскиот јазик. Прашањата што се поврзани со образование и историја се изедначуваат со прашањата што се од фундаментално значање на ЕУ, поглавјата 23 и 24 што се однесуваат на човекови права и владеење на правото.

    Тоа значи дека Бугарија може во секој момент да стави кочница за евроинтергративниот процес.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира