Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев кажа дека во бугарската политика кон Македонија има целосен континуитет и не може да се очекува промена, но целта е да се создадат неопходните услови за продолжување на дијалогот, по утринската средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантос Силва во Софија.
На кусата прес-конференција по средбата, Стоев, кој е дел од техничката влада во Бугарија по неуспехот на ниту една партија да формира влада по изборите на 4 април, кажа дека целта на неговиот тим е да ѝ овозможи на идната бугарска влада да се врати на дијалогот со Македонија на ниво кое што треба да постои помеѓу две така блиски земји.
Португалскиот дипломат, чија земја претседава со ЕУ до 1 јули, на заедничката прес-конференција со Стоев и Вархеји рече дека процесот на проширување на ЕУ останува приоритет и дека е важно да се чујат бугарските предлози, иницијативи и грижи и дека е завршена голема работа.
„Секогаш е важно се чујат важните земји членки што имаат да кажат на релевантни теми. Бугарија е лидер кога се работи за креирањето на нашите политики кон Балканот“, изјави Силва.
Силва и Вархеји денеска се во Софија, а попладнево и во Скопје, во обид да најдат решение за спорот помеѓу Македонија и Бугарија, поради кој што е блокиран почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Посетата се случува неколку недели пред состанокот на Европскиот совет во Брисел на 24 јуни, на кој што треба да бидат одобрени преговарачките рамки за Македонија и Албанија.
Во Софија, двајцата се сретнаа со Стоев, претседателот Румен Радев, техничкиот премиер Стефан Јанев и поранешниот премиер Бојко Борисов.
Во Скопје, најавени се нивни средби со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.