НЕ ОЧЕКУВАМ КВОТИТЕ ОД ЕУ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ АЛУМИНИУМ И ЧЕЛИК ДА СЕ ОДРАЗАТ НЕГАТИВНО НА ЕКОНОМИЈАТА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ

    НЕ ОЧЕКУВАМ КВОТИТЕ ОД ЕУ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ АЛУМИНИУМ И ЧЕЛИК ДА СЕ ОДРАЗАТ НЕГАТИВНО НА ЕКОНОМИЈАТА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИПо нотата од ЕУ дека ќе воведе квоти за извоз на челик и алуминиум од Македонија и дека по надминување на квотата ќе се плаќа 25 отсто царина, министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека очекува тоа да не се одрази на економијата. (Фото: Министерство за финансии)

    Министерот за финансии Драган Тевдовски кажа дека најавата од Европската Унија да воведе квоти со кои се ограничува извоз на челик и на алуминиум од Македонија во Европската Унија во рок од три години е процес кој не е завршен и се надева тоа нема да се одрази на планираниот економски раст.

    „Тој процес сè уште не е завршен, се одвива преку Министерството за економија и со вицепремиерот за европски прашања, секако и Министерство за финансии ќе помогне во тој дел. Очекуваме дека тоа нема да се одрази неповолно на економијата и сметам дека сè уште има простор да се избориме поповолна состојба“, рече Тевдовски.

    Тој рече дека годинава растот на економијата е 2,8 отсто и дека следната година очекуваат раст од 3,1 отсто, а дека годинава тој пред сè се должи на растот во индустриското производство.

    Вчера, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на брифингот со новинарите кажа дека Европската комисија во петокот упатила нота до Македонија со која ја известува земјата за воведување на заштитни мерки за извоз на челик и за алуминиум.

    „По надминување на квотата, компаниите ќе плаќаат 25 отсто царина. Досега не се плаќаше царина“, рече вчера Османи.

    Според новата формулација, просекот на извоз во 2015, 2016, и 2017 година, плус 5 отсто раст, е воведена како заштитна мерка поради тарифите кои САД ги стави кон Европската унија и сега Унијата го заштитува својот пазар.

    „Сè што ќе биде над тие проценти, над тие дозволени тони извоз, ќе биде царинето со 25 отсто. Приближно штетата за македонската економија би изнесувала околу 100 милиони евра годишно“, изјави Османи.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира