Здравствените власти секојдневно апелираат дека задолжителното носење заштитни маски и одржувањето на физичката дистанца е единствениот начин со којшто земјава ќе излезе од здравствената криза со коронавирусот. Земјава изминатиов период бележи раст на бројот на новозаболени од ковид-19, а високи се и дневните статиски на починати лица по компликации од коронавирус.
Од почетокот на коронакризата, медицинските лица се на првата борбена линија во справувањето со коронавирусот. САКАМДАКАЖАМ.МК ѝ постави 10 прашања на директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ, за тоа како таа приватно се однесува за да се заштити од коронавирусот надвор од работното место.
*Кога и каде носите заштитна маска?
– Секогаш носам маска кога излегувам од дома, во кола ако со мене се вози некој кој не е член на моето семејство со кое живеам.
*Освен семејството, дали дозволувате некој друг да ви влезе дома, како мајстори за поправка или хигиеничари?
– Да, имав мајстори поради сериозен дефект, сите без исклучок носеа маски и одржуваа соодветно меѓусебно растојание.
*Дали одите да пазарувате во продавница или пазарувате онлајн? Дали ги дезифинцирате и премивате работите надвор од нивните пакувања кога ќе дојдете дома?
– Најчесто одам во продавница и без исклучок носам маска. Не дезинфицирам продукти во амбалажа, се разбира, редовно се премиваат продукти пред употреба ако не се во амбалажа. Тоа го правев и пред пандемијата на ковид-19.
*Дали одите во ресторани, дали јадете таму или земате храна за носење?
– Сѐ уште не одам во кафулиња и ресторани, не само времето што не ми дозволува туку и поради тоа што сметам дека мерките не се спроведуваат во целост.
* Дали преземате дополнителни мерки за заштита кога подигнувате пошта, сметки или пратки?
– Мерките се едноставни, јасни и ништо дополнително не е потребно освен кога се работи за одредени медицински процедури.
*Дали сакате набрзо да летате со авион? Што мислите и за патувањето со автобус, воз?
– Она што сега најмногу го посакувам е одмор во Подмоље каде можам сама да се одвезам и ништо друго не ми треба. Препорачаните мерки за патување со авион и автобус мораат да се почитуваат во целост за да се минимизира ризикот од инфекција. Јас лично би патувала само ако се работи за неодложна работа.
* Дали некогаш повторно ќе се ракувате, гушнете со некого?
– Во блиска иднина нема, но секако верувам дека повторно ќе ги гушнам луѓето кои ги сакам, но за тоа мора сите да бидеме исклучително дисциплинирани и посветени на битката против ковид-19.
* Ако имате мало дете, дали ќе го пуштите на училиште на есен?
– Немам дете кое би требало да оди на училиште, но мојата внука која е на помала возраст ги знае сите принципи на заштита и ги практикува во комуникација со врсниците.
* Дали одите на рутински преглед на доктор, забар?
– Сега не, не сум имала потреба.
*Кои се вашите најдобри прогнози, кога ќе добиеме вакцина?
– Мислам дека какви било прогнози се непотребни и неблагодарни. Кога ќе биде подготвена за употреба вакцината, нам ќе ни биде достапна, а дотогаш наместо да правиме различни проценки и предвидувања да се обидеме со она што ние самите можеме да го направиме за себеси и да се заштитиме.
Б. НЕСТОРОСКА