Нема да дозволиме да се отвори центарот за деца со попреченост во Тимјаник, ѝ рекоа денеска жителите на селото на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Министерката Царовска, заедно претставникот на УНИЦЕФ во земјава Бенџамин Перкс и претставничката на УНДП Луиза Винтон, денеска беа во неготинското село Тимјаник на средба со жителите откако тие вчера остро реагираа на проектот за изградба на мал групен центар за деца со попреченост, во кој треба да бидат сместени три дечиња.
Но, и покрај објаснувањата на Царовска дека вакви центри им се потребни на овие лица и дека со програмата на Владата е предвидени да се отворат во сите општини, жителите со викање и велеа дека не сакаат нивните деца да бидат во средина со такви деца оти немало кој да ги заштити од нив.
„Да си го повлечете проектот. Нема да дозволиме Тимјаник да стане Демир Капија. Нашите деца од нормални, ќе станат нездрави. Мирот им го земате на децата. Тие тука си играат сред село, а сега кој ќе ги заштити од овие деца кога ќе ги нападнат. Ние немаме градинка за нашите деца а вие тука ни правите дом. Зошто не ги однесете во здравствениот дом во Неготино таму има простор, туку не може. Нема да ги пуштаме нашите деца во школо ако продолжите со планот“, ѝ велеа жителите на Царовска.
Министерката им објаснуваше на собраните жители дека таа веднаш ќе се заложи во селото да се изгради градинка и самите тие да ѝ предложат која локација е најсоодветна, но дека и за децата со попреченост потребни се подобри услови оти и тие заслужуваат љубов и не се никаква опасност за нивните деца.
Но, залудни беа објаснувањата на Царовска, жителите ја исвиркуваа и ѝ порачаа да му пренесе и на премиерот Зоран Заев дека тие не отстапуваат од своите ставови.
На жителите на Тимјаник им се обратија и претставниците на УНИЦЕФ и УНДП со кои заедно се реализира овој проект. Перкс и Винтон им велеа дека сега овие деца имаа лоши услови во центарот во Демир Капија и дека заслужуваат љубов и внимание 24 часа на ден а со ваквите мали групни домови тоа ќе им се овозможи. Но ни тоа не беше прифатливо за жителите.
Царовска по еден час откако не успеа да ги убеди жителите, им рече дека остава да размислат и дека повторно заедно со градоначалникот ќе ги посетат наредната недела.