НЕ СЕ ДАВААТ ПАРИ ЗА СПОМЕНИЦИ, ФАСАДИ, ТУКУ ЗА ПРОДУКТИВНИ МЕРКИ, ИМ ОБЈАСНИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ЗА РЕБАЛАНСОТ

    НЕ СЕ ДАВААТ ПАРИ ЗА СПОМЕНИЦИ, ФАСАДИ, ТУКУ ЗА ПРОДУКТИВНИ МЕРКИ, ИМ ОБЈАСНИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ЗА РЕБАЛАНСОТПратеничката Лилјана Затуровска од ВМРО ДПМНЕ (Фото: СДК.МК)

    Обвинувањето за партиски вработувања е една од главните точки во дискусиите на пратениците од опозицијата по ребалансот на Буџетот во собраниската комисија за финансирање и буџет, а денес беше засилено и со забелешката на Европската комисија.

    Лилјана Затуровска (ВМРО ДПМНЕ) нотирајќи дека на власта баш ѝ е гајле што сега вели Брисел, ги спомена и платите за 7-те нови министри без ресор.

    „Дај боже толку да донесат за државата колку што ќе земаат плата“, рече таа.

    „Платите на генерално ниво се намалуваат за 158 милиони денари“, уште еднаш повтори министерот за финансии Драган Тевдовски, дообјаснувајќи дека во Агенцијата за разузнавање има зголемување на износот за да се обебедат плати за нововработени лица во 2016, кои не биле вметнати во Буџетот за 2017.

    „Кај Комисијата за заштита на конкуренција има обезбедено дополнителни пари за 3 апанажи, а кај Државната комисија за инспекциски надзор за 7 апанажи. Износот за плати кај Советот за јавни набавки е намален“, образложи Тевдовски, појаснувајќи дека во МВР има пренасочување на 60 милиони денари за сервисирање на хеликоптерите на министерството.

    „Денеска разговарав со рејтинг агенцијата ‘Фич’ и ним им кажав дека не може со кратења да се излезе од економски замрзната состојба. Ви требаат контрациклични мерки. Второ прашање е каде ќе ги насочите парите. Со овој ребаланс настојувавме да ги скратиме непродуктивните трошења секаде каде што е можно. Не се даваат пари за споменици, фасади, туку за продуктивни мерки“, им објасни министерот на пратениците.

    Тевдовски информираше дека во Министерството за финансии во тек е анализа за корекциите кај данокот на имот.

    „Ќе има промени само за најбогатите, со имоти вредни над 400.000 евра, за кои ќе има зголемена стапка“.

    Жарот на дискусијата во собраниската комисија за финансирање и буџет денеска ја понесе Невенка Стаменковска (ВМРО-ДПМНЕ) и во реплика по ребалансот на Буџетот рече дека и е жал за старите членови на СДСМ зашто шарените револуционери им ги земале работните места.

    „Немаат потреба старите членови на СДСМ од вас да им помагате“, и врати Панче Иванов(СДСМ). „Не обвинувате дека сме го зголемиле износот за плати во Собранието за пет потпретседатели ама да ве прашам, ќе требаат ли дополнителни пари за вашите 10 координатори на пратенички групи“, рече Иванов, на што од клупите дофрлија дека тоа се 100 евра по координатор месечно.

    А. САЛТИРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира