Доцнат реформите во образовaнието и затоа е неопходно да се донесе новата концепција за основно образование, рекоа денес во Собранието премиерот Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска и академик Владо Камбовски. Денеска почна јавната собраниска расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование на која се дојдени претставници на Владата, Министерството за образование и наука (МОН), од државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, МАНУ, невладини и меѓународни организации.
Камбовски рече дека оваа реформа е задоцнета затоа што Законот врз основа на којшто се носи е донесен уште пред две години и затоа е неопходно концепцијата да се донесе.
„Не смееме да го одложиме носењето на концепцијата. Не смееме да губиме години. Навремена е новата концепција и време е за соочување на ставовите. Сметам дека вакви слични дебати треба да имаме и за реформи во средното и за високото образование. Оваа реформи ќе треба да отворат расправа и затоа какво ни е предучилишното образовани и какво ни е средното образование. Главните протагонисти на целиот овој процес се наставниците. Дојде времето на учителот со големо У да стане главната фигура во образованието”, рече Камбовски.
Премиерот Заев кажа дека иако овие денови се слушаат гласови дека институциите брзаат образовната реформа, тој смета дека доцниме со реформите во образованието.
„Тие требаше да се случат пред десетина години зашто како неопходност ги наметнуваше исклучително брзиот развој во сите општествени сфери кои бараат образование во чекор со динамичните и прогресивните промени. Кога велам доцниме, истовремено велам дека и нема да избрзаме. Ќе работиме на тоа да дизајнираме најсоодветна образовна реформа, која е во најдобар интерес за децата“, кажа Заев.
Премиерот повтори дека со предметот Општествени науки не се укинува предметот Историја или други предмети, туку содржините од нив се предвидуваат да станат задолжителен дел од новата наставна програма. Не се предвидува ниту намалување на наставници по Историја, Географија и Граѓанско образование, туку продолжуваат, рече, заедно да ја планираат наставата со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин.
„Сите истражувања потврдуваат дека нашите деца не се стекнуваат со потребните вештини и не можат да го развијат својот полн потенцијал поради лошиот образовен систем. Според ОЕЦД, учениците до 14 години од Северна Македонија добиваат околу 900 часа помалку настава во споредба со другите земји членки, а според УСАИД, нашите деца имаат тешкотии во основни вештини, како што се читање со разбирање и одземање. Нивните тестирања покажуваат дека помалку од 40 проценти во второ одделение ги завршиле задачите со прочитан текст, наспроти меѓународното мерило од 80 проценти. Овие податоци значат уништени генерации и запоставени и заборавени идни човечки потенцијали, рече ресорната министерка, која во обраќањето зборуваше за придобивките од новата концепција“, рече министерката Царовска.