Во земјава живеат околу 800 лица кои се без државјанство и кои немаат никакви документи за да го докажат својот идентитет. Ова се неофицијални претпоставени бројки, кои Агенцијата за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) ги собрала во 2014 година со анкети на луѓето кои живеат во Македонија без никакви документи во рамки на тригодишен проект и кампањата „Ова е нашиот дом“.
29-годишниот Сутки Соколовски е без државјанство од раѓање. Неговата мајка, која исто така била без државјанство по раѓањето го остава кај неговата баба, која го чувала до неговата деветгодишна возраст. Непризнаен од неговиот татко Сутки е оставен да расте во сиропиталиште, откако неговата баба се премажила. Не можел да се вработи, иако неколку автомеханичарски работилници му нуделе работа, бидејќи нема лична карта, туку има лична карта за странци. Тој годинава се оженил, иако со својата сопруга веќе имаат пет годишно девојче и чекаат второ дете. Државјанство ќе може да добие три години по бракот, а сега може да користи здравственото оигурување преку осигурувањето на сопругата.
„Не се чувствувам како странец овде. Имам многу другари, кои имаат македонско државјанство и некогаш многу глупаво се чувствувам кога аплицирам за лична карта за странци. Не сакам да го правам тоа но морам. Наскоро ќе можам да ги регистрирам моите деца, ќе можам да се вработам и да добијам социјална сигурност“, вели Соколовски.
Даг Сигурдсон, претставник на УНХЦР во земјава, вели дека во рамки на проектот, во кој се вклучени и македонски невладини организации и Министерството за труд и социјална политика, успеале да обезбедат лични документи за 300 лица, или 40 отсто од претпоставениот број луѓе кои во Македонија живеат без никаков документ.
„Во многу земји постојат луѓе, кои живеат без државјанство и немаат никаков документ за идентификација. Со тоа автоматски се исклучени од општественото живеење, немаат никакви права, а овој проблем се пренесува од генерација на генерација. Ги поздравувам законските измени кои надлежните министерства ги подготвуваат за да им се олесни на луѓето да добијат документи, а УНЦХР и натаму ќе помага во овој процес за да се стави крај на животот без државјанство, како во Македонија така и во светот, а тоа треба да го постигнеме до 2024 година“, рече Сигурдсон.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека оваа кампања е многу важна за да се подигне свеста и кај институциите дека треба да работат на овој проблем. Tаа кажа дека има Министерството нема директни ингеренции во издавање државјнства и извод од матична книга на родени, има допирни точки со овој проблем, бидејќи овие луѓе штом немаат документ за лична идентификација не моќат да го остварат правото на образование, здравствена и социјална заштита, ниту пак можат да се вработат и дека оваа состојба се пренесува од генерација на генерација, со што овие семејства тонат во се подлабока сиромаштија.
„Луѓето што немаат државјанства се заглавени исто како што беше заглавен на аеродромски терминал Том Хенкс во филмот ‘Терминал’. Можам да ветам дека ќе направиме се за овие луѓе да не останат заглавени. Се подготвуваат законски измени на Законот за вонпарнична постапка, со кои ќе се олесни начинот на докачување на идентитетот на овие лица, а се подготвуваат и измени на Законот за матична евиденција за да се олесни да добијат извод од матична книга на родени. Овие луѓе целиот живот се во Македонија но без документи се невидливи за институциите, буквални живеат како фантоми. Се подготвува и регистар за лица кои се надвор од системот и така полесно ќе ги идентификуваме овие луѓе за да може да им помогнеме“, кажа Царовска.
Е. БОЧВАРОСКА