НЕ СУМ ВИДЕЛ ДОКАЗИ ЗА ВМЕШАНОСТ НА ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ, ОСВЕН НЕТОЧНИ НАПИСИ ПО МЕДИУМИ, КАЖА ЗАЕВ НА СУДЕЊЕТО ЗА ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРО

    НЕ СУМ ВИДЕЛ ДОКАЗИ ЗА ВМЕШАНОСТ НА ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ, ОСВЕН НЕТОЧНИ НАПИСИ ПО МЕДИУМИ, КАЖА ЗАЕВ НА СУДЕЊЕТО ЗА ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРОРоднините на убиените момчиња кај Смиљковско езеро пред Кривичниот суд (Фото: К. Попов)

    Горан Наќевски, татко на убиеното момче Александар, на денешното судење за „Монструм“ го праша сведокот Зоран Заев за смс пораката што им ја испратил на родителите дека ќе објави бомба, но и телефонски броеви „кои судот ги крие“, на што Заев кажа:

    „Како лаик по право сфатив дека некои од разговорите што ги поседуваше СДСМ може да се и ПИ- мерки, а тие не смеат да се објавуваат. Бевте кај мене во партија, се пожаливте дека судот крие од вас телефонски броеви, горевте како и денес што горите да ја дознаете вистината за монструозното убиство на вашите деца и на возрасното лице“, одговори Заев.

    Родителот праша и за тврдењето пред нив за вмешаност на тајни служби во „Монструм“ и во „Диво Насеље“.

    „За ‘Диво Насеље’ сум рекол и тоа се потврди на судењето, а за ‘Монструм’ можеби сум спомнал пред вас за еден разговор за ‘Монструм’, меѓу едно лице вработено од МВР кое тогаш било под истрага, со експратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев, да му пренесе одредени информации на тогашниот директор Сашо Мијалков“, кажа Заев.

    „Дали мајките на убиените деца ве прашаа за вмешаност на Трајко Вељаноски во убиството?“, праша Горан Наќевски.

    „Секогаш средбите беа на ваше барање и поставувавте различни прашања кои мислевте ќе ве доведат до вистината. Секогаш искрено сум ви одговарал. Не се сеќавам на прашањето за Вељаноски. Еве денеска ќе ви одговорам дека не сум видел такви докази, освен неточни написи во медиумите од квази новинари“, одговори Заев.

    Адвокатката на родителите на четирите убиени деца и на братот на убиениот рибар на 12 април 2012 година кај Смиљковско езеро, во продолжение на сведочењето во Кривичниот суд, го праша сведокот Заев дали ѝ давал материјали на Фросина Ременски, кај која при претрес беа најдени тајни документи. Заев кажа дека ништо не ѝ дал на Фросина.

    Разговорите на Муса Џафери и Сашо Мијалков, Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири, кај што бара да му помогне за субвенција за овците, Мијалков и Гордана Јанкулоска, Коце Трајановски и Миле Јанакиески и други, се разговорите на кои Заев се сеќава во врска со „Монструм“.

    Рано изутрина на 13 април 2012 година, само десетина часови по убиството кај Смиљковско езеро, бил прислушуван разговор. Ова кај Заев оставило впечаток, зашто се прашувал кога попрво била обезбедена таа наредба за следење, за само неколку часа од крвавиот чин.

    На следно прашање од адвокатката, Заев кажа дека од поранешниот премиер на Косово побарал да се екстрадираат двајцата избегани главни обвинети Алил Демири и Агим Исмаиловиќ и дека од него добил ветување дека нашето барање за екстрадиција ќе биде процесирано.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира