Претседателот Стево Пендаровски вечерва дообјасни зошто денеска изјави дека не размислува за втор претседателски мандат. Пендаровски во изјава за медиумите вечерва кажа дека во овие траорни моменти после убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Пенче Жежовски, мисли само на нивните семејства.
„Не знам кој нормален човек, граѓанин и политичар на нашава Македнија во вакви траорни времиња во кои поминување може да размислува за власт, за избори и мандати. Изборите се во април и мај догодина и имаме доволно време после Нова година да размислуваме за тие работи. Во овој момент, моите мисли се насочени само кон семејствата на настраданите и се разбира, во рамките на мојата функција да го изработам до крај мандатот, во согласност со потребите на граѓаните кои ми ја дадоа честа да ја водам државата пред четири и пол години“, рече Пендаровски.
Денеска, Пендаровски кусо одговори „не“, на новинарско прашање дали размислува за да се кандидира за втор мандат, поставено по форумот за антикорупција во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори. Пендаровски стапи на функцијата на 12 мај 2019. Претходно, на претседателските избори во 2014 изгуби од Ѓорге Иванов.