НЕДОСТАТОКОТ НА ВЕШТИНИ И СООДВЕТНО ОБРAЗОВАНИЕ ЗА РАБОТНАТА СИЛА ВО МАКЕДОНИЈА Е ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ – ОД ДЕБАТАТА ЗА НОВИОТ ЕВРОПСКИ КОНЦЕПТ ЗА СОЦИЈАЛНИ ПРАВА

    НЕДОСТАТОКОТ НА ВЕШТИНИ И СООДВЕТНО ОБРAЗОВАНИЕ ЗА РАБОТНАТА СИЛА ВО МАКЕДОНИЈА Е ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ – ОД ДЕБАТАТА ЗА НОВИОТ ЕВРОПСКИ КОНЦЕПТ ЗА СОЦИЈАЛНИ ПРАВАБројот на невработени во Македонија е намален на 23 отсто, но во земјите од регионот зад нас е само Косово со 27,5 отсто. - Од денешната експертска дискусија за хармонизација на регионалните државни социјални политики со новиот европски концепт за социјални права (Фото: Фејсбук)

    Потребни се подобри и поточни податоци за тоа колку социјалните реформи навистина имаат позитивен ефект врз луѓето, широка јавна расправа за да се дојде до вистинско решение за тоа како државите од Западен Балкан треба да вложуваат средства во социјалните политики, особено во секторите образование и здравство, е еден од заклучоците од денешната експертска дискусија за хармонизација на регионалните државни социјални политики со новиот европски концепт за социјални права.

    Ова е потребно бидејќи балканските земји кои сакаат да бидат членки на ЕУ имаат лимитирани средства, а многу поголеми проблеми во социјалната сфера и парите треба да се вложуваат паметно за да бидат ефектите од овие политики поголеми.

    Бојана Нацева, виш специјалист за образование при Светска банка, смета дека недостатокот на вештини и соодветно обрaзование за работната сила во Македонија е голем проблем и дека како општество треба повеќе внимание да обрнеме на тоа во образованието да се вклучат и социо-емоционални вештини.

    „Недостатокот на вештини кај работната сила е сериозен проблем. Проблем е и невклучувањето на маргинализираните групи во образовниот процес, кои потоа ги губиме како работна сила. Потребна е подлабока анализа каде и како да се делува, а според мене тоа треба од почне од основното образование, бидејќи лошите резултати на ПСА тестирањето негативно сите нè изненади. Самиот курикулум за Кембриџ програмата не е лош, но нема соодветен тренинг на наставниот кадар“, рече Нацева.

    Според анализата на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ кој ја организираше дебатата, во делот на социјалните реформи во Македонија има подобрувања, но сè уште сме далеку од она што е потребно за да се приближиме на стандардите на Унијата. Анализата покажува дека за 10 години, односно од 2006 до 2016 година стапката на вработени се зголемила од 43,9 на 53,3 проценти. Во ЕУ стапката на вработени е 71,1 отсто за популација од 20 до 64 години. Во овој период во Македонија стапката на невработени лица опаднала од 36 на 23 отсто, сепак по Македонија со најмногу невработени од другите земји во регионот е само Косово со 27,5 отсто.

    „Но, ниски се бројките за возрасните кои учествуваат во процесите на доживотно учење, во Македонија таа стапка е 2,9 отсто а во Европа е 10,7. Исто така има голема разлика во стапката на млади невработени до 24 годишна возраст. Таа во ЕУ изнесува 18 отсто, а во Македонија 48,2 отсто“, рече Ива Трајковска од „Фајнанс тинк“.

    Таа напомена дека анализата е правена врз основа на постари податоци, бидејќи тоа се последните статистички податоци што ги има Еуростат.

    Жарко Шиндериќ од Центарот за социјална политика од Србија, рече дека во балканските земји за социјални програми се одвојуваат меѓу 25 до 18 отсто од бруто домашниот производ што е помалку од европскиот просек кој се движи меѓу 33 и 35 отсто и дека тоа значи дека во овие земји многу помалку средства се вложуваат во овие програми.

    „Имаме поголеми проблеми, а помалку пари и тие пари треба паметно да се насочат за да имаат подобар ефект овие реформи“, кажа Шундриќ.

    Според него, потребна е поширока јавна дебата во која ќе се вклучат и претставници од државата, но и академската заедница, локалната самоуправа, и целата заедница, која на крајот треба да ги спроведе реформите во самата заедница.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира