ДА НЕ СЕ ДОВЕДУВА ВО ПРАШАЊЕ ДРЖАВНАТА МАТУРА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ШАЌИРИ ЗА ШТРАЈКОТ НА ДРЖАВНИОТ ИСПИТЕН ЦЕНТАР

    ДА НЕ СЕ ДОВЕДУВА ВО ПРАШАЊЕ ДРЖАВНАТА МАТУРА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ШАЌИРИ ЗА ШТРАЈКОТ НА ДРЖАВНИОТ ИСПИТЕН ЦЕНТАРОд ланското полагање на државна матура во „Раде Јовчевски-Корчагин“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за образование Јетон Шеќири апелираше до вработените и директроката во Државниот испитен центар (ДИЦ) да не се доведува во прашање полагањето на државна матура, откако тие вчера почнаа генерален штрајк, и ако продолжи, неизвесно е дали матурантите ќе ги фатат роковите за упис на факултетите во земјава и во странство.Претходно беше најавено дека матурантите ќе полагаат државна матура на 27 мај и 10 јуни.

    Од Синдикалната организација на Државниот испитен центар (СОДИЦ-СФДМ) рекоа дека штрајкуваат  оти не добиле согласност на барањето за изменување и дополнување на колективниот договор од Министерството за финансии, а заради заштита на економските и социјални права на своите членови.

    „Сите процеси кои се во надлежност на Државниот испитен центар (Државна матура, државно тестирање, обука и испит за директори, приправнички испити, меѓународно тестирање ТИМС итн.) ќе бидат запрени до добивање на согласност од Министерството за финансии. Сите 29 вработени се членови на синдикатот и состојбата на штрајк која би траела подолго од една недела би значела невозможност да се спроведе државната матура“, рече денеска на прес-конференција Емилија Бошковска, претседателка на Синдикатот.

    Шаќири им порача на сите вработени заедно со директорката да комуницираат со другите институции и да чекаат да се реши Општиот колективен договор. Така да ги надминат проблемите и да не се доведува во прашање државната матура.

    Шаќири потенцираше дека сите имаат и правна одговорност и апелираше оваа институција да не ја користи ситуацијата кога средношколците треба да полагаат државна матура.

    „Сите синдикати се вклучени во Општиот колективен договор. Значи и тие вработени кои се дел од синдикатот УПОЗ јас ќе ги повикам зашто сите имаме законски обврски и кога се работи за државна матура не може да го искористат моментот на државната матура за да ја постигнат целта. Целта на Владата е Општ колективен договор и подобри услови. Мојата порака до сите вработени заедно со директорката е да комуницираат со другите институции и нека чекаат да се реши Општиот колективен договор. Така да ги надминат проблемите и да не се доведува во прашање државната матура“, одговори Шаќири  на новинарски прашања по учеството на тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.

    Од Синдикатот апелираат Министерството за финансии, како што велат, итно да даде согласност на веќе потпишаните измени на колективниот договор со кои вработените би добиле достоинствени плати. Како што посочуваат, во овој момент 11 од вкупно 29 вработени на различни позиции се изедначени и имаат минимална плата од 20.000 денари.

    На 27 мај треба да се полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература, а на 10 јуни математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира