НЕМА АЛТЕРНАТИВА ЗА НАТО И ЕУ, НО ДОБРЕДОЈДЕН Е ИНТЕРЕСОТ НА РУСИЈА И КИНА, СЕ СОГЛАСИЈА ЗАЕВ И ЦИПРАС

    НЕМА АЛТЕРНАТИВА ЗА НАТО И ЕУ, НО ДОБРЕДОЈДЕН Е ИНТЕРЕСОТ НА РУСИЈА И КИНА, СЕ СОГЛАСИЈА ЗАЕВ И ЦИПРАСПо средбата во Владата, премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев го отворија Бизнис форумот со над 400 стопанственици, од кои 100-тина од Грција. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Грчкиот и македонскиот премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев се согласија дека интересот на големите сили за регионот е добредојден и дека треба да се искористи, одговарајќи на новинарско прашање како ќе се справат со конкуренцијата на светските велесили за она што се случува на Балканот. Ципрас потсети дека Грција е земја членка на ЕУ и НАТО, но дека истовремено има традиционални пријателски односи со Русија, како и тоа дека не смее да се игнорира Кина, која инвестира многу во развојни проекти во регионот.

    „Фактот дека има многу интерес изразен за овој регион треба да се искористи. Интересот на ЕУ е повеќе од добредојден, но ќе мора да се помине низ процес на реформи бидејќи само тоа е решение за просперитетот на регионот. Добредојдени се интересите на САД во енергетиката како и во другите полиња. Добредојден е интересот и на Кина, затоа што таа инвестира многу во развојни проекти во овој регион. Ние сме земја членка на НАТО, но имаме традиционални пријателски односи со Русија и пред неколку дена тие ја признаа Северна Македонија под нејзиното ново име. Фактот дека има интерес од повеќе велесили е всушност позитивен знак, секако доколку суверените права се признаени, како и нивната подготвеност да креираат мир, стабилност и безбедност“, кажа Ципрас на заедничката прес-конференција на двајцата премиери вчера во Владата.

    Заев се надоврза на одговорот на Ципрас и додаде дека му е драго што Русија го прифати нашето ново уставно име Северна Македонија. И тој е убеден дека интересот на големите сили за регионот ќе биде позитивен.

    „Тоа е наше суверено право. Интересот на големите сили кон овој регион е добредојден, бидејќи веруваме дека ќе биде позитивен. Ние сме мала земја, пријателски односи имаме денеска со сите соседи, а градиме пријателство со цел свет. Нема алтернатива за нас освен членство во НАТО и ЕУ, но сакаме соработка со Русија и Кина, бидејќи тоа носи повисок економски стандард. Драго ни е што и Русија го прифати новото уставно име, тоа е за нас е позитивен сигнал за унапредување на соработката. Работиме заедно со Кина на „патот на свилата“, тоа е проектот 16 земји плус еден. САД се сериозен инвеститор, наш голем поддржувач. ЕУ е нашето место и ние сакаме целосно партнерство преку полноправно членство и се надеваме дека во јуни, конечно по 14 години откако сме кандидат, ќе ги отвориме поглавјата и ќе почнеме преговори“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира