НЕМА ДА ДОБИЕТЕ ПОДОБРА ЗДЕЛКА ОД ЕУ, ВРЕМЕ Е ДА ГИ УСВОИТЕ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, КАЖА БОРЕЛ 

    НЕМА ДА ДОБИЕТЕ ПОДОБРА ЗДЕЛКА ОД ЕУ, ВРЕМЕ Е ДА ГИ УСВОИТЕ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, КАЖА БОРЕЛ Денеска за првпат во Скопје се одржа состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија. - Жосеп Борел и Димитар Ковачевски (Фото: Влада)

    Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жосеп Борел ги повика сите партии во Македонија да си ги преземат обврските и да се создадат услови да се усвојат уставните измени, потребни  за земјата да ги продолжи пристапните преговори со ЕУ по завршување на скринингот.

    „Да се создадат услови да се усвојат уставните измени. Оваа година е клучна. По договорот од јули, ова е најдобрата зделка која што можете да ја добиете и не е реално да очекувате дека ова ќе се отвори повторно да биде дел од преговорите. Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат  на продолжување на оваа патека“, кажа Борел на прес-конференцијата по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија.

    Ова е прв ваков состанок што се одржува во Скопје, откако досега тие се одржуваа во Луксембург.

    На состанокот претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, а во македонската делегација беа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Делегацијата на ЕУ беше предводена од Борел и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.

    Скринингот треба да заврши до крајот на годината, а дотогаш, според преземените обврски од Владата, треба да се донесат и уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира