Негирањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на Бугарија е преседан и не е европска вредност. Но, ние нема незрело да се однесуваме, уште посилно и посветено ќе работиме на реформите, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако Европскиот парламент (ЕП) вчера го усвои извештајот за напредокот на Македонија, од којшто беа изоставени референците за македонскиот идентитет и јазик.
„Не можам да прифатам како европратениците што гласаа за бришење на македонскиот јазик и идентитет мирно ќе спијат, а им благодарам на оние што гласаа или пак се воздржаа од гласање“, рече Мицкоски на новинарско прашање по настанот посветен на 80-годишнината од формирањето на Црвен крст на Македонија.
Европскиот парламент вчера со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година. Пред гласањето по документот, беа усвоени амандмани со кои се избришани делови од текстот каде што се споменува „македонски јазик и идентитет“.
„Можеби некој очекуваше по вчерашниот извештај револтирано да ги напуштиме преговорите, но ние нема незрело и неодговорно да се однесуваме. Напротив, остануваме уште попосветени и ќе докажеме дека со реформите дома сме најдобриот ученик во одделението и да бидеме посакувани од страна на ЕУ. И не можат овие архитекти да градат ваква архитектура за да не оспоруваат и за да го попречуваат нашиот пат кон ЕУ“, вели Мицкоски.
Тој останува на ставот дека сите партии во земјава треба да бидат обединети кога станува збор за државните интереси.
„Владата има обврска и кон граѓаните, но и кон сите останати да продолжи уште посилно да работи на внатрешните реформи, а истовремено и надвор од државата да се обиде уште погласно да ги артикулира аргументите и да останеме фокусирани целосно се додека не станеме членка на ЕУ. Грешките од минатото нема да ги правиме“, рече Мицкоски.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче за ова прашање оцени дека македонскиот јазик и идентитет се безбедни и гарантирани, но оти актуелната влада со своите дипломатски грешки ја оддалечува државата од ЕУ. Тој вели дека најважно е да се каже дека „извештајот не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет“.
„Македонскиот јазик и идентитет се јасно дефинирани и заштитени. Никој не може да ги допре или да им наштети. На македонски се преведува во ЕУ, на македонски се потпишуваат договорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, на македонски се говори во Унијата. Ова го гарантира Преговарачката рамка“, рече Филипче.
Премиерот не ги коментираше изјавите од Бугарија, особено на шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев кој на денешното гостување во утринската програма на телевизијата БТВ рече дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Северна Македонија, Софија успеала да спречи ЕП да биде искористен за домашна политичка пропаганда на Мицкоски. Притоа Георгиев го нарече Мицкоски „северномакедонски премиер“.
„Не би го коментирал тоа момче“, рече Мицкоски, кој смета дека Георгиев е намерно испратен за да го привлече неговото внимание. „Апелирам и до вас медиумите, оставате го тоа момче. Тоа е Влада којашто во позадина друг ја раководи. Му дале задача да се задева. Тоа е исто како кога глушецот го задева лавот“, рече Мицкоски.
Изјавата на Георгиев ја осуди и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче. Тој вели дека такви изјави не се во духот на демократијата и добрососедството.
„Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи“, рече Филипче.
Според него, вистинскиот одговор на ваквите ситуации не се драматични изјави и конфронтации, туку сериозна и решителна дипломатска борба.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, најостро ги осудуи навредливите изјави од министерот за надворешни работи на Бугарија, Георгиев упатени кон претседателот на Владата и институциите на Македонија.
„Во врска со ова, Министерството денеска го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, на кого му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада. Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, соопшти Министерството, од каде велат дека очекуваат од официјална Софија да упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствената и принципиелна билатерална комуникација.