НЕМА ДА ПОСКАПИ СТРУЈАТА ЗА ДОМАЌИНСТВАТА СО ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА, КАЖА АНЃУШЕВ

    НЕМА ДА ПОСКАПИ СТРУЈАТА ЗА ДОМАЌИНСТВАТА СО ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА, КАЖА АНЃУШЕВ„Регулаторната комисија сега е зависна, оти ја води човек од опозицијата и навистина сакаме независна регулаторна комисија“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев (Фото: Влада)

    Со либерализација на пазарот на електрична енергија што треба да се случи по донесување на новиот Закон за енергетика нема да се зголеми цената на струјата за домаќинствата, кажа вицепремиерот Кочо Анѓушев на денешната прес конференција. Тој рече дека сегашната цена на струјата за домаќинствата ќе се задржи и по стапување во сила на новите законски решенија, бидејќи со нив е предвидено граѓаните да може да купуваат струја од универзален снабдувач, кому ЕЛЕМ во 2019 година ќе бидат должни да му продаваат 80 отсто од произведената електрична енергија.

    „ЕЛЕМ во 2019 година на универзалниот снабдувач ќе му дава 80 отсто од производството а со текот на годините овој процент ќе се намалува и во 2025 тоа ќе изнесува 30 отсто од производството на ЕЛЕМ. Цената за домаќинствата покрај со ова е загарантирана и со програмата за социјална сиромаштија, со која граѓаните во социјален ризик ќе добиваат и субвенции“, кажа Анѓушев.

    Тој кажа дека новиот закон е со европско знаменце и дека со него ќе се урнат сите монополи, но од друга страна дека има и заштитни механизми со кои граѓаните ќе ги заштитат од превисоки цени. Рокот за избор на универзален снабдувач е 90 дена од носење на законот. Анѓушев кажа дека со новите законски решенија Електрани на Македонија остануваат под контрола на Владата, МЕР ќе биде под контрола на Министерството за економија, а МЕПСО под контрола на Министерството за транспорт и врски.

    „Новиот закон ја стимулира изградбата на обновливи извори на енергија. Ако сега имаме 16 мегавати во фотоволтаици, со овој закон очекуваме дека таквата инсталирана снага ќе порасне до 200 мегавати во следните 3-4 години. Ветерните електрани ќе бидат приоритет и очекуваме да има 150 мегавати инсталирана снага, а досега има 36. Очекуваме да се изградат сите хидропотенцијали, кои се лимитирани“, рече Анѓушев.

    Во рок од 30 дена од стапување во сила на законот Регулаторна комисија за енергетика треба да добие нов претседател и двајца нови членови. Нив ги предлага Владата, а ги бира Собранието. На прашањето дали со тоа Владата се меша во независноста на Регулаторната комисија за енергетика, Анѓушев рече:

    „Регулаторната комисија сега е зависна, оти ја води човек од опозицијата и навистина сакаме независна регулаторна комисија. И досега Владата го предлагаше, но многу е важно кој човек ќе го предложите. Ќе има конкурс и се надевам дека ќе избереме стручен човек“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира