Граѓаните нема да плаќаат данок кога ќе ги примаат пратките од „Тему“, тој е веќе вкалкулиран во цената објавена на сајтот и која се плаќа при купување на производот, објаснуваат од Министерството за финансии. Тоа значи дека и граѓаните кои направиле нарачки пред донесување на измените на законот нема да имаат никакви дополнителни давачки.
„Пратките кои граѓаните ги порачуваат од ‘Тему‘ и досега имаа пресметан ДДВ во цената на производот. Истата практика продолжува и по измените на законот, ДДВ-то ќе остане вкалкулиран во цената на производот, како и досега. Тоа значи дека граѓаните нема да плаќаат ништо дополнително при прием на пратката, ниту ќе имаат нова обврска за уплата. Данокот кој е веќе пресметан во цената кон државата го уплаќа овластениот шпедитер или поштенскиот оператор со кој платформата има договор“, соопштија од Министерството за финансии.
На 18 ноември Собранието ги усвои измените на Законот за додадена вредност со кои се предвидува оданочување од 18 отсто на пратките од странство и до 22 евра.
Од Министерството додаваат дека со законските измени не се менува начинот на прием и царинење на пратките. Велат дека досегашниот систем дозволуваше можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продаваа на домашниот пазар и со новите законски решенија ќе се спречи оваа пракса.
„Целта на овие законски измени се зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места. Оваа измена претставува значаен чекор во заштитата и развојот на домашната економија, особено во услови на интензивна глобализација и раст на дигиталната трговија и ќе придонесе за намалување на сивата економија“, додаваат од Министерството за финансии.
А. АНТЕВСКА



