НЕМА ДА СЕ ПРИВАТИЗИРААТ ИЛИ ЗАТВОРААТ БОЛНИЦИ ВО НИКОЈ СЛУЧАЈ, ЗА МОДЕЛОТ НА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ЌЕ ИМА ШИРОКА ДЕБАТА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    НЕМА ДА СЕ ПРИВАТИЗИРААТ ИЛИ ЗАТВОРААТ БОЛНИЦИ ВО НИКОЈ СЛУЧАЈ, ЗА МОДЕЛОТ НА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ЌЕ ИМА ШИРОКА ДЕБАТА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОНедостатокот од матични лекари Министерството за здравство ќе го покрие со тоа што лекарите од болниците ќе добијат дозвола по систем на ротации да даваат услуги и на примарно ниво. - Битолската болница (Фото: СДК.МК)

    По информациите дека една третина од граѓаните одвојуваат плус средства за лекување во приватни болници каде лекувањето не е покриено од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), на прашањето што ќе направи за да го зајакне државното здравство, министерот за здравство Венко Филипче вели дека тоа се обидуваат да го направат преку моделот на јавно-приватно партнерство, како и со нови начини да се покријат одредени здравствени услуги во региони од земјата каде недостасуваат.

    „Токму тоа сакаме да го смениме, луѓето место да вадат дополнително пари од џеб и да се лекуваат приватно, услугата да им биде достапна преку нашиот здравствен систем. Најголемите новини кои ги планираме се во смисла на промена на финансирањето во делот на дел на здравствени услуги преку приватно-јавно партнерство, да дозволиме приватниот капитал да влезе како инвеститор во нашиот здравствен систем. Да се ослободиме од непотребните трошоци, тоа што сега создава долгови и имаме огромен товар и да се концентрираме на здравствен систем кој ќе купува услуги таму каде се најквалитетни и најевтини“, рече Филипче.

    Тој вели дека во случајот не станува збор за приватизација на болниците, ниту за нивно затворање.

    „Не знам за каква приватизација на болниците прашувате. Тоа за што зборувам се модели на приватно јавно-партнерство. Секаде каде може потенцијален приватен партнер да најде интерес, ќе може да се надгради инфраструктурата и опремата. Тоа значи подобрување на условите каде работат здравствените работници и поголеми плати, а за нашите пациенти поквалитетни здравствени услуги“, рече Филипче.

    Тој рече дека пред да се одлучат да дозволат јавно-приватно партнерство, треба да ги почекаат физибилити студиите.

    „Ако физибилити студиите покажат дека тоа е во корист и на граѓаните и на државата ќе го одбереме тој модел кој најмногу одговара. Планираме да направиме широка јавна дебата, во која ќе учествува и синдикатот, и експерти од финансии, економија и правото, за да видиме во кои дејности тоа ќе го направиме. Мора да кажам дека нема опасност од затворање на болниците и овој модел заслужува широка дебата на сите учесници“, рече Филипче.

    Недостатокот од лекари во примарната здравствена заштита, пак, ќе го покриваат со тоа што лекарите што работат од болниците ќе добијат дозвола по систем на ротации да даваат услуги и како матични лекари. Филипче рече дека тоа се однесува пред сѐ на недостигот од гинеколози и педијатри.

    „Веќе идентификувавме во кои места нема матични гинеколози и педијатри и лекарите од регионалните болници ќе можат по систем на ротации во тие амбуланти каде нема матични лекари да даваат вакви услуги и на тој начин да ја приближиме услугата. Во исто време ќе ги овластиме и здравствените домови и ќе ги опремиме ординациите и на некој начин ќе ги активираме гинеколошките диспанзери кои порано постоеја“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира