НЕМА ДА СТАНЕТЕ 30. ЧЛЕНКА НА НАТО АКО НЕ СЕ СМЕНИ ИМЕТО, РЕЧЕ СТОЛТЕНБЕРГ

    НЕМА ДА СТАНЕТЕ 30. ЧЛЕНКА НА НАТО АКО НЕ СЕ СМЕНИ ИМЕТО, РЕЧЕ СТОЛТЕНБЕРГГраѓаните имаат една шанса, треба да се искористи, кажа Столтенберг денеска во Брисел. - Од обраќањето на Јенс Столтенберг во македонскиот парламент на 18 јануари (Фото: СДК.МК)

    Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кажа дека ако Поранешната Југословенска Република Македонија не го смени името, нема да биде примена во НАТО, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Брисел.

    Известувачот на МРТВ побара коментар од Столтенберг на тоа што 80% од граѓаните се за влез во НАТО, но голем е процентот на оние кои се против промена на уставното име.

    „Тоа е одлука на граѓаните на Поранешната Југословенска Република Македонија. Граѓаните имаат една шанса во животот, треба да се искористи. Или ќе го поддржите договорот и ќе се зачлените во НАТО или нема да го поддржите договорот и нема да се зачлените во НАТО“, кажа Столтенберг.

    Столтенберг ја објасни процедурата која што ќе доведе до тоа Македонија да стане 30. членка на НАТО под името Северна Македонија и заврши со зборовите: „Нема да станете 30. членка на НАТО ако не се смени името“.

    Претходно, изнесувајќи ги заклучоците од состанокот на Северноатлантскиот совет, Столтенберг кажа дека 29-те членки на НАТО денеска на Самитот во Брисел се договориле да ја поканат Македонија да почне пристапни преговори за членство во Алијансата.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари