НЕМА ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЗА ОДЗЕМАЊЕ НА МАНДАТОТ НА ГРУЕВСКИ

    НЕМА ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЗА ОДЗЕМАЊЕ НА МАНДАТОТ НА ГРУЕВСКИСобраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања треба да одлучи дали ќе му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски поради направено кривично дело, односно дали поради тоа е недостоен за вршење на пратеничката функција. - (Фото: СДК.МК)

    Осуммината пратеници кои формираа независна пратеничка група во ВМРО-ДПМНЕ, минатиот петок изјавија дека нема да гласаат за одземање на мандатот на нивниот поранешен лидер Никола Груевски. Во Собранието нема двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на пратеникот Груевски, како што побара Основниот суд Скопје 1, откако стана правосилна пресудата од 2 години затвор во случајот на СЈО „Тенк“.

    Сепак, Собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во вторник во 12 часот ќе одржи седница на која ќе расправа за Предлогот за одземање на мандатот на Груевски. Комисијата треба да одлучи дали ќе му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски поради направено кривично дело, односно дали поради тоа е недостоен за вршење на пратеничката функција. Тоа е еден од условите предвидени во собранискиот Деловник за одземање на пратеничкиот мандат.

    Одлука за одземање на мандат на пратеник Комисијата треба да донесе во рок од 15 дена.

    Груевски треба да се пријави на издржување на казната во затворот „Шутка“ најдоцна до 8 ноември.

    Одлуката на комисијата потоа се препраќа до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ја става како точка на дневен ред на прва наредна седница. За да се одземе пратенички мандат потребно е двотретинско мнозинство во Собранието.

    Според Собранискиот Деловник, само на пратеникот кој е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, автоматски му престанува мандатот.

    Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот на денот кога е осуден и за тоа ја известува Државната изборна комисија.

    Судија за извршување санкции при Основниот Суд Скопје 1 ја одби молбата на Никола Груевски за одложување на затворската казна. Тој има право на жалба во рок од три дена до Кривичниот совет на истиот суд и ако и таа биде одбиена, треба најдоцна до 8 ноември да се пријави во затворот во Шутка.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира