НЕМА НОВИ РЕСТРИКЦИИ ВО ЗЕМЈАВА, ВО СКОПСКИТЕ БОЛНИЦИ ЗА 24 ЧАСА ПРИМЕНИ УШТЕ 28 КОВИД БОЛНИ

    НЕМА НОВИ РЕСТРИКЦИИ ВО ЗЕМЈАВА, ВО СКОПСКИТЕ БОЛНИЦИ ЗА 24 ЧАСА ПРИМЕНИ УШТЕ 28 КОВИД БОЛНИОстанува забраната за групирање повеќе од четири лица во текот на 24 часа. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Нема нови предлози за рестрикции во земјава од Комисијата за заразни болести, објави државната агенција МИА.

    „Комисијата за заразни болести денеска одржа состанок на кој не се предложени нови рестриктивни мерки за заштита. Останува апелот за целосно и доследно почитување на мерките кои се на сила, како што се забрана за работа на угостителски објекти после 21 часот, групирање повеќе од четири лица во текот на 24 часа, како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори“, потврдија за МИА од Министерството за здравство.

    Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во Ковид-центрите во Скопје хоспитализрани се 28 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 426 лица сомнителни и потврдени за ковид-19  се лекуваат на Инфективните оддели во Скопје.

    Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало вкупно 19 приеми и тоа еден пациент бил хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, еден на Клиниката за неврологија, двајца болни на Клиниката за дерматовенерологија, седум пациенти на Ковид-одделението на Клиниката за гастроентерохепатологија и осум пациенти се примени на Клиниката за нефрологија. Во Ковид-центарот во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ имало пет нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени четворица.

    На Кожната клиника во Ковид-центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симтоми на корона вирусот, на Клиниката за  гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 25 лица. Во „8 Септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 160 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 40 пациенти, од кои 12 деца и 28 возрасни.

    Од вчера пациенти сомнителни и потврдени за ковид-19 се примаат и во Ковид-центарот на Клиниката за нефрологија. Таму во моментов се сместени осум пациенти и има уште 17 слободни кревети.

    Вкупно 426 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на Инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Во наредните неколку дена со работат ќе почне и Ковид-центарот на Клиниката за оториноларингологија (ОРЛ).

    Вкупно во земјава в болница од ковид-19 се лекуваат 1.100 болни.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира