Нема одложување на парламентарните избори на 12 април, само нема да се одржуваат митинзи, се договорија политичките партии на лидерската средба во Владата.
На средбата воопшто не станало збор за одложувањето на изборите, туку како ќе се одржуваат предизборните активности.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека средбата била од информативен карактер, биле запознаени со мерките кои се преземаат.
„Големи митинзи не ни може да има по денешната мерка на Владата. Ќе ја прилагодиме кампањата на социјалните мрежи и во средби од врата до врата“ рече Мицкоски.
И лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека не разговарале за одложување на изборите бидејќи има уште цел месец до нивното одржување.
„Несериозно и неодговорно би било кога ги немаме сите влезни информации да разговараме дали после 30 дена треба да се одложат изборите. Мерките важат до 24 март тоа се веќе два дена од кампањата. Тука сме сите, во своите партиски седишта така да ќе најдеме одговори за сите овие прашања“ рече Заев.
А. АНТЕВСКА