НЕМА ПОЛИТИКА ВО РАЗРЕШУВАЊЕТО НА Д-Р ЈОВЕВ, ИНСПЕКТОРИ НАЈДОА НЕРЕГУЛАРНОСТИ НА КАРДИОХИРУРГИЈА, ВЕЛИ МЕЏИТИ

    НЕМА ПОЛИТИКА ВО РАЗРЕШУВАЊЕТО НА Д-Р ЈОВЕВ, ИНСПЕКТОРИ НАЈДОА НЕРЕГУЛАРНОСТИ НА КАРДИОХИРУРГИЈА, ВЕЛИ МЕЏИТИМеџити кажа дека се утврдени нерегуларности во работењето на Кардиохирургија, откако стигнале информации до Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ). (Фото: Министерство за здравство)

    Нема политика во разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Сашко Јовев, за секој директор ќе има санкции, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој вчера го разреши проф. д-р Јовев, кардиохирург кој го предводеше тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во државата.

    Меџити на денешниот настан на Клиниката за ендокринологија рече дека повеќе детали новинарите ќе добијат на брифинг подоцна попладне. Д-р Јовев закажа прес-конференција во 12 часот.

    Министерот вчера кажа дека нема да толерира директори кои седат и спијат по пет години, 10 години, кои немаат никаков резултат. Денеска кажа дека се утврдени нерегуларности во работењето, откако стигнале информации до Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ).

    На инсистирања на новинарите за тоа што згрешил Јовев, со оглед на тоа дека е наградуван доктор и ја водеше првата трансплантација на срце, тој вчера кажа:

    „Тоа е кадар на коалициониот партнер на СДСМ, тие ќе предложат друго име. Нема никој тука засекогаш, бесмртен да биде. Ниту јас, ниту другите, ниту директорите. Здравството е жива материја. Кој нема да сработи, ќе биде отпуштен од функцијата“. САКАМДАКАЖАМ.МК вчера испрати прашања до СДСМ дали ќе предложи ново име и кое ќе е тоа, но до денес не добивме одговор.

    Кардиохирургот Сашко Јовев лани беше меѓу добитниците на државната награда „Св. Климент Охридски“, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес во држвата. Преходно ја доби наградата за животно дело „Гемиџиите“ на Општина Велес, а беше и дел од тмиот наградени со „13 Ноември“ на Град Скопје.

    Првата трансплантација на срце беше изведена на 23 мај 2020, оттогаш има изведено вкупно осум пресадувања на срце.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира