НЕМА ПОТРЕБА ДА БРЗАМЕ ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА, НЕМА ОПАСНОСТ ОД ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА И ДА ПОТРАЕ БЛОКАДАТА НА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ

    НЕМА ПОТРЕБА ДА БРЗАМЕ ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА, НЕМА ОПАСНОСТ ОД ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА И ДА ПОТРАЕ БЛОКАДАТА НА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ„Нашите граѓани можат да бидат спокојни, и да потрае блокадата нема никаква безбедносна закана“, кажа Пендаровски во новогодишното обраќање. (Фото: К. Попов)

    Претседателот Стево Пендаровски вели дека нема опасност од безбедносна дестабилизација на земјата ако продолжи блокадата на македонските евроинтеграции. Како што кажа тој во редовното новогодишно обраќање во Собранието, тоа се анализи и предвидувања кои не се втемелени во реалноста и непотребно ги вознемируваат граѓаните.

    „Слушаме дека пролонгираната состојба на статус кво може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. Се работи за анализи и предвидувања кои не се втемелени во реалноста и можат непотребно да ги вознемират граѓаните. Нашите граѓани можат да бидат спокојни, и да потрае блокадата нема никаква безбедносна закана. Можно е нешто друго, демократско назадување и облици на авторитарно владеење на поединец или партија, но одговорноста за тоа нема да лежи кај граѓаните туку кај нас политичарите“, рече Пендаровски.

    За преговорите со Бугарија за одблокада на почетокот на пристапните преговори со ЕУ, тој рече дека нема потреба од брзање.

    „Во последниве две години освен разочарани станавме опседнати кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. ЕУ е најдобрата опција за нас и едвај го чекам денот кога ќе ги почнеме преговорите, а уште повеќе денот кога ќе ги завршиме. Но, во актуелниот контекст, со нашите црвени линии, не треба да бидеме преокупирани колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Ние треба да се посветиме на подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани. Брзањето не е секогаш најдобар сојузник. Кај нашиот источен сосед слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашните тврдења во врска со нашите јазик и идентитет, а се споменува и наводна дебугаризација. Невозможно е амбасадорите на 30 држави во Скопје, од кои 16 на земји членки на ЕУ да не известат за дебугаризација, нешто што би било рамно на геноцид“, вели претседателот.

    За оставката на премиерот Зоран Заев, Пендаровски кажа дека станува збор за чин за поздравување.

    „Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, и јас сум имал несогласувања со него, тоа е чин што треба да поздрави затоа што тоа ретко се гледа и во модерните демократии. Тој се повлекува додека е неговата партија на власт, за разлика до 2017 година не можевме да обезбедиме мирна транзиција на власта. Кога доаѓањето и останување на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора вратата за поделби и конфликт. Нови делби се последната работа која ни треба“, кажа Пендаровски.

    Пендаровски се осврна и на реформите во сферата на владеење на правото, за кои рече дека и сега и во годините што доаѓаат ќе бидат најважни за државата. Тој кажа дека големата трагедија со автобуската несреќа во Бугарија, како и неколку други случаи мора да имаат судска завршница во разумен рок, во спротивно граѓаните целосно ќе изгубат верба дека може да има правда. Пендаровски потсети дека сите релевантни истражувања на јавното мислење покажуваат дека граѓаните се убедени дека кај нас владее култура на неказнивост.

    „Истражувањата на јавно мислење покажуваат и дека младите не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда. Миграцијата во голема мерка не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на животот и граѓаните заминуваат во земји каде што има правда, каде што одговараат и најбогатите“, рече Пендаровски.

    Претседателот предупреди да се внимава со привлекувањето странски инвестиции и побара сите најави за големи странски вложувања да се проверуваат од безбедносен аспект, колку и да изгледаат примамливи во прв момент.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира