Министерот за здравство Венко Филипче, во Охрид рече дека утринава разговарале во Комисијата за заразни болести околу евентуално повторно воведување режим со границите на Србија и Косово или затворање на граничните премини со овие земји, но не прецизираше што е одлучено.
Филипче рече дека направиле интензивна комуникација со здравствените власти од соседните земји, со цел да ја согледаат епидемиолошката слика во целиот регион. Според него, ниту една одлука, ниту решение, ниту препорака на Комисијата од почетокот на коронакризата не е донесена со каква било политичка заднина. Секоја одлука е донесена врз основа на медицински показатели, параметри и податоци.
„Сегашната анализа ја правиме врз основа на претходни информации дека почнуваат да се преполнуваат болниците, за што немаше официјални податоци. Нема потреба, ниту нешто можеме да извлечеме од чисто споредување на бројките. Многу е важно да се знае на што се должи големиот број на новодијагностицирани. Споредувањето на бројките нема никаква логика, затоа што мора да се знае со каков принцип се пристапува кон индицикацијата за тестирање“, рече Филипче по посетата на Охридската болница.
Министерот кажа дека во земјава се прави широко тестирање не само на лицата со симптоми, туку и на нивните контакти, што, вели тој, на здравствените власти им овозможува на време да ги стават лицата во изолација. Огромен процент од новозаболените од ковид-19 се или асимптоматски или со лесна клиничка слика, а 13 проценти од новодијагностицираните се примени в болница.
Б. НЕСТОРОСКА