НЕМА ПОТРЕБА ОД КАРАНТИН И КРИЗНА СОСТОЈБА ВО КУМАНОВО, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    НЕМА ПОТРЕБА ОД КАРАНТИН И КРИЗНА СОСТОЈБА ВО КУМАНОВО, КАЖА ФИЛИПЧЕОпштинскиот кризен штаб побара од Владата да ја издвои Општина Куманово и нејзината територија од рамката на општите мерки на Владата, со дополнителна 14-дневна и 24-часовна изолација (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче смета дека нема потреба да се воведе карантин и да се прогласи кризна состојба во Куманово, како што предлага градоначалникот Максим Димитриевски и Општинскиот кризен штаб, затоа што новозаболените се пациенти се од познати кластери и биле во самоизолација затоа што имале контакт со веќе заболени лица. Доколку се појават пациенти кои не се поврзани со веќе дијагностицираните лица, тогаш ќе се разгледуваат други мерки, најави министерот на денешната прес-конференција.

    „Еден од критериумите и информациите врз основа на кои ги носиме одлуките, па и во насока на тоа дали треба некои дополнителни мерки, се од тоа од каде се докажаните пациенти, во смисла на тоа дали се од луѓето коишто ги имаме предвид, луѓе што ги пратиме, значи тие што се како примарни контакти во самоизолација, заради симптоми со луѓе кај кои е дијагностицирана болеста. Тоа е една од причините зошто во рамки на Комисијата за заразни болести не се носи поинаква одлука. Морам да кажам дека секојдневно ја следиме ситуацијата и доколку ако има други информации за појава на поголем број пациенти коишто не можат да се поврзат со веќе дијагностицираните не е исклучена можноста, но во овој момент немаме таков голем број, можно е да разгледуваме и други мерки, но засега не“, изјави Филипче.

    Тој додаде дека Дебар е ставен во карантин затоа што немало други мерки во државата како што е сега. Филипче потсети дека во Куманово веќе подолго време нема јавен градски и меѓуградски превоз, а донесени се и мерки за рестрикција на движењето и дава простор ситуацијата во наредниот период да се подобри.

    Тој најави и дека во деновите пред Велигден четврток, петок и сабота ќе има прегледи и тестирања, за да се задржи динамиката и ако се изнуди потреба ќе се носат други мерки.

    Денеска Општинскиот кризен штаб побара од Владата да ја издвои Општина Куманово и нејзината територија од рамката на општите мерки на Владата, со дополнителна 14-дневна и 24-часовна изолација – карантин во посебни услови, кој ќе важи од петок (17.04.2020) и ќе трае до понеделник (04.05.2020).

    Општинскиот штаб го повтори барањето за карантин откако денеска беа потврдени нови 25 случаи со коронавирус, а двајца починаа.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира