Предвремен зимски распуст не е потребен зашто во училиштата нема ширење на коронавирусот, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната прес-конференција во Владата, на која го презентираше буџетот за 2021 на Министерството за образование и наука (МОН).
Според податоците до вчера, како што рече таа, активни ковид позитивни во школите со физичко присуство се 148 наставници и 79 ученици, што е помалку од 1 процент од вкупниот број на наставници, односно 0,06 проценти од вкупниот број ученици.
„Ова се факти кои зборуваат дека интерно ширење на вирусот во училиштата нема, дека образовниот систем е стабилен и училиштата ги почитуваат мерките и здравствените протоколи. Токму затоа, продолжуваме да го спроведуваме Планот од Владата за учебната 2020/2021, според кој второто полугодие ќе почне на 21 јануари, а на крајот на годинава ќе заврши првото полугодие“, рече министерката.
Б. НЕСТОРОСКА