Премиерот Христијан Мицкоски денеска, по средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Охрид, рече дека стратешка цел на државата останува членството во Европската Унија (ЕУ), но оти евроинтегративниот процес неправедно се претворил во билатерално прашање наместо да се темели на Копенхашките критериуми и заслугите на државата. Тој кажа дека Владата ќе се фокусира на домашните реформи, Планот за раст и на Реформската агенда каде, како што рече, Македонија е меѓу најуспешните земји во регионот.
Тој кажа дека со премиерот Пленковиќ потпишале Договор за стратешка соработка помеѓу двете влади за кој рече дека е „повеќе од дипломатски акт“, како и дека европската интеграција била една од најважните теми на разговорите.
Мицкоски рече и дека ќе нема нови идентитетски отстапки и оти Владата е подготвена да ја плати цената за зачувување на националните интереси.
„За жал, сè додека билатералните спорови и т.н. булинг кон нас од страна на некои земји-членки, односно во случајот една земја-членка, се наша препрека за да бидеме дел од тоа семејство, ова што одамна го заслуживме за жал ќе се одалечува. Но ние не губиме надеж, не губиме енергија туку, напротив, ќе продолжиме силно да работиме и очекуваме дека ќе ја добиеме таа шанса да бидеме дел од тоа семејство. Нема повеќе можности за идентитетски отстапки, нема повеќе можности за чекор назад кога станува збор за нашите национални одредници. Колкава и да е таа цена којашто треба да ја платиме, оваа Влада е подготвена да ја плати. Ќе чекаме некои други подобри времиња. Ако навистина билатералните процеси се тие коишто треба да му судат на нашиот европски пат, тогаш ние ќе се бориме на друг начин“, рече премиерот Мицкоски.
Тој кажа дека Македонија во моментов е меѓу најуспешните земји од регионот според оценките на Европската комисија (ЕК). Според него, најголем дел од средствата наменети за земјите од Западен Балкан би требало да завршат во македонскиот буџет, а позитивниот тренд се очекува да продолжи и во следниот извештај во јуни.
Рече дека Македонија одамна го заслужила своето место во ЕУ, но според него, претходната влада дополнително го отежнала процесот со прифаќање на барања кои не биле во интерес на државата.
Тој нагласи дека Акцискиот план за малцинства е подготвен и оти се очекува зелено светло од Брисел за да влезе во официјална владина процедура.
С. ВРЕНЦОВСКА



