НЕМА ПРЕДЛОГ ОД КОМИСИЈАТА ЗА СИМНУВАЊЕ НА ИМУНИТЕТОТ НА ВЕЉАНОСКИ, ВЕЛИ ЏАФЕРИ И СЕ МИСЛИ ДАЛИ ДА ЗАКАЖЕ СЕДНИЦА

    НЕМА ПРЕДЛОГ ОД КОМИСИЈАТА ЗА СИМНУВАЊЕ НА ИМУНИТЕТОТ НА ВЕЉАНОСКИ, ВЕЛИ ЏАФЕРИ И СЕ МИСЛИ ДАЛИ ДА ЗАКАЖЕ СЕДНИЦАСобранискиот спикер Талат Џафери кажа дека нема да донесе одлука без консултација со стручните собраниски служби. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери не знае сè уште дали ќе свика собраниска седница за денеска за симнувањето на имунитетот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, откако синоќа во Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања гласаше 4:4 и не донесе став.

    „Извештајот сега ќе го видам, ќе ги свикам и стручните служби за да видам конечно што ќе правам. Извештај од комисијата има, ама нема предлог-заклучок. За свикување седница основен е извештајот со заклучокот. Деловникот не ги предвидува овие ситуации. Јас ќе свикам седница, но што ќе биде предмет на гласање? Нема заклучок од комисијата. За што да расправаме? За што гласаме, за одземање или за неодземање на имунитет? Немаме предлог пред нас. Дали за ’да‘ или за ’не‘. Да постапуваме за тоа судот што предлага. Не може судот да му предлага на Собранието, зарем за што е смислата на постоењето на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Овие специфични ситуации не ги предвидува Деловникот. Еве и да го ставам на дневен ред на гласање, што вика извештајот? Извештајот вика и да и не“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Собранието Талат Џафери.

    Тој вели дека не е поминат рокот за закажување на седница и за гласање. Рокот истекува вечер на полноќ. Но, повторува дека нема заклучок од комисијата кој би ги насочил за што да расправаат. Сепак, тој кажа дека нема да донесе одлука без консултација со стручните собраниски служби.

    Претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања Павле Богоевски вели дека тоа што комисијата одлучила дека нема став во никој случај не значи дека Собранието не треба да расправа по барањето од судот. Според Богоевски, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот (до недела на полноќ), одлучува по барањето (а не по ставот на комисијата).

    „Тоа значи дека се исполнети сите услови за Претседателот на Собранието да закаже пленарна седница во предвидениот рок. Немањето став на Комисијата, во никој случај не значи дека Собранието не треба да расправа по барањето од Судот“, напиша Богоевски на Фејсбук.

    Долгогодишниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски е еден од осомничените за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 во истрагата на Обвинителството за организиран криминал.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира