Во вакциналните пунтови во Поликлиниките во Скопје нема шестовалентни вакцини со кои се врши имунизацијата на деца. Вакцини нема веќе петнаесетина дена, а како што велат извори на САКАМДАКАЖАМ.МК кои работат на вакцинација на деца, не се знае ниту кога ќе стигнат. Во моментов од поливалентните или комбинирани вакцини има само петовалентни и со нив се врши вакцинација на бебиња и мали деца.
Иако вработени во вакционални пунктови за деца, но и родители за нашата редакција раскажуваат дека веќе извесен период оваа вакцина ја нема кај нас, од Министерството за здравство негираат и велат дека вакцини – има.
„Министерството за здравство континуирано обезбедува вакцини за задолжителна имунизација и навремено врши испорака во вакциналните пунктови. Покрај актуелната ситуација со ковид пандемијата, тековно се спроведува имунизацијата во сите Здравствени домови“, ни одговорија од тимот за односи со јавноста на министерот за здравство Венко Филипче.
Вработените во вакциналните пунктови раскажуваат дека голем број родители од Скопје одат во градовите во истокот бидејќи таму имало останато одредени количини на шестовалентната вакцина.
„Никого не враќаме, децата ја добиваат петовалентната вакцина сега, па потоа кога ќе стасаат новите количине ќе ја примат шестовалентната. Нема никаков проблем ако прво се прими петовалентна, па потоа шестовалентна. Не знаеме зошто ја нема, најверојатно проблеми со тендерот“, велат извори на САКАМДАКАЖАМ.МК од еден вакцинален пункт во Скопје.
Дел од родителите кои не можат да ги вакцинираат децата ни рекоа дека бараат начин како да ја набават вакцината од Грција зошто матичните педијатри им рекле дека не се знае кога ќе стигнат.
Вработени во вакциналните пунктови пак ги советуваат родителите да не набавуваат вакцини од странство оти не постои можност во нашите поликлиники да им биде инјектирана на децата.
„Многу е важно при транспортот на вакцината да биде испочитуван ладниот ланец, кој ќе им гарантира дека вакцината е соодветно дистрибуирана“, велат медицински лица.
Поливалентните (комбинирани) вакцини во земјава се воведоа на први септември 2015 година и со нив бројот на боцкања се намалува од тринаесет на седум.
А. АНТЕВСКА