НЕМА ТЕРМИНИ ЗА ПЦР ТЕСТОВИ НА ДРЖАВНО, БРЗИТЕ ТЕСТОВИ СЕ ПОМАЛКУ ЧУВСТВИТЕЛНИ НА ОМИКРОН

    НЕМА ТЕРМИНИ ЗА ПЦР ТЕСТОВИ НА ДРЖАВНО, БРЗИТЕ ТЕСТОВИ СЕ ПОМАЛКУ ЧУВСТВИТЕЛНИ НА ОМИКРОНВчера, во Македонија беа официјално регистрирани 1.375 нови позитивни случаи на ковид-19 од направени 7.188 тестирања. Од овие 7.188, ПЦР тестови се 4.091, од кои 992 во јавните здравствени установи. (Фото: СДК.МК)

    Едвај 25 отсто од ПЦР тестовите се направени во државните здравствени институции, според бројките објавени вчера од Министерството за здравство. Претходните два дена беше уште помалку, 20 и 5 отсто.

    Во период кога омикрон сојот на коронавирусот зема замав во Македонија, граѓани се жалат дека нема термини за тестирање на државно, а не можат да си дозволат цело семејство да се тестира на приватно. Има разни понуди за тестирање по приватните лаборатории, како и семејни пакети, а цените се движат од 5.000 денари па нагоре за четиричлено семејство.

    Двајца матични лекари со кои контактираше САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека тешко се наоѓаат слободни термини за ПЦР тестови во јавните здравствени установи.

    Дополнителен проблем за граѓаните е што брзите тестови од аптека не се толку ефикасни во откривањето на омикрон сојот, посебно во првите денови од инфекцијата, според нови истражувања.

    Една таква е американска студија, спроведена во декември, која сугерира дека антигенските тестови кои најчесто се користат дома можеби не успеваат да детектираат инфекции со омикрон, дури и кога луѓето имаат високо ниво на коронавирусот.

    Во студијата, на 30-мината инфицирани учесници им биле направени ПЦР тестови и брзи антигенски тестови. Во просек, антигенските тестови покажале позитивен резултат три дена по позитивниот ПЦР тест. Во четири случаи, луѓето го пренеле коронавирусот на други иако антигенскиот тест покажал негативен тест, според студијата, спроведена од американската Работна група за ковид-19 во спортот и општеството.

    Резултатите се конзистенти со првичните докази дека домашните тестови не успеваат да ги детектираат случаите на омикрон во првите денови од инфекцијата.

    „Прелиминирните податоци сугерираат дека антигенските тестови го детектираат омикрон, но можеби имаат намалена чувствителност“, соопшти американската Агенција за храна и лекови (ФДА), што значи дека брзите тестови често понекогаш даваат лажни негативни резултати.

    Вчера, во Македонија беа официјално регистрирани 1.375 нови позитивни случаи на ковид-19 од направени 7.188 тестирања. Од овие 7.188, ПЦР тестови се 4.091, од кои 992 во јавните здравствени установи.

    Претходниот ден, направени се 3.489 ПЦР тестови, од кои 702 на државно. Според бројките од 3 јануари, направени се 1.137 ПЦР тестови, од кои 62 во државните институции.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира