НЕМАТЕ ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, МУ КАЖА ВЕЉАНОСКИ НА ЗАЕВ НА КОМИСИСКАТА РАСПРАВА ВО СОБРАНИЕТО

    НЕМАТЕ ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, МУ КАЖА ВЕЉАНОСКИ НА ЗАЕВ НА КОМИСИСКАТА РАСПРАВА ВО СОБРАНИЕТОПред собраниската Комисија за уставни прашања, Заев рече дека уставните измени заслужуваат поддршка од сите пратеници, бидејќи се за влез во ЕУ и НАТО. - Трајко Вељаноски; Зоран Заев (Фото: К. Попов)

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Собранието Трајко Вељаноски му кажа на премиерот Зоран Заев дека нема двотретинско мнозинство за уставните измени на денешната расправа во собраниската Комисија за уставни прашања. Вељаноски рече дека тој како пратеник нема да учествува во донесувањето на уставните измени со кои се менува уставното име.

    „Јас како пратеник немам мандат да учествувам во менување на Уставот и ќе ја следам волјата на граѓаните изразена на референдумот на 30 септември. Да знаете дека немате двотретинско мнозинство за донесување на уставни измени, а вие продолжете си со ваквата постапка“, рече Вељаноски.

    Во образложението, Вељаноски кажа дека Договорот од Преспа е направен од потесен круг луѓе во Владата, кои, како што рече тој, решиле да ги сменат името и Уставот и потоа тоа да го претстават како национален приоритет.

    „Јасно е дека штетниот Договор од Преспа е создадено, туѓо решение и наметнато, а Собранието е ставено пред свршен чин“, кажа Вељановски и додаде дека Владата не сакала заедно со функционерите, пратениците и граѓаните да го реши прашањето и наместо јавни преговори, преговорите биле тајни.

    Претходно на Комисијата за уставни прашања, Заев го образложи владиниот Предлог за пристапување кон измена на Уставот. Тој кажа дека во иницијативата нема ништо спорно и дека е во согласност од меѓународното право. Заев рече и дека измените заслужуваат поддршка од сите пратеници, бидејќи се за влез во ЕУ и НАТО.

    „Пратениците да не подлегнуваат на ниту еден притисок. Да гласаат по сопствена волја. Вашата одлука ќе ја испрати референцата ФИРОМ во историјата. Македонскиот идентитет ќе биде за век и веков заштитен и потврден, а македонскиот јазик ќе биде засекогаш признаен, дури и од Грција, а нашиот влог е прецизирано име – Северна Македонија“, рече Заев.

    Тој ги наброја четирите амандмани со кои треба да се направи измена на Уставот. На седницата на комисијата присуствуваа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира