НЕМОЈТЕ ТУКА СО ПОЛИТИЧКИ ГОВОРИ, ДА НЕ СЕ СЛУЧИ 27 АПРИЛ ОВДЕ ВО СУДНИЦА, СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ГО ПРЕДУПРЕДИ СВЕДОКОТ ЃОРЧЕВ

    НЕМОЈТЕ ТУКА СО ПОЛИТИЧКИ ГОВОРИ, ДА НЕ СЕ СЛУЧИ 27 АПРИЛ ОВДЕ ВО СУДНИЦА, СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ГО ПРЕДУПРЕДИ СВЕДОКОТ ЃОРЧЕВНа крајот на сведочењето, Ѓорчев се обрати до судијката Кацарска да има милост кон обвинетите. - Влатко Ѓорчев на собраниска говорница (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев попладнево сведочеше на судското рочиште за организираниот напад на Собранието за 27 април лани. Ѓорчев, при идентификувањето на местото на живеење и раѓање, покрај адресата и градот два пати и потенцираше на судијката Добрила Кацарска дека е роден и живее во Република Македонија. Кацарска го предупреди дека се наоѓа во суд, а не на собраниска говорница.

    „Внимавајте господине Ѓорчев да не зовријат страстите, па да се случи 27 април овде. Ова е Кривичен суд Скопје 1, немојте тука со политички говори“, му рече Кацарска.

    Ѓорчев ѝ одговори дека му е убаво кога изговара Република Македонија и ако се случи 27 април, како што кажа судијката, ќе почне со спасување како што го правел тоа во Собранието.

    Ѓорчев сведочеше дека обвинетиот Мунир Пепиќ помагал во санирање на ситуацијата и евакуација на пратениците.

    Ѓорчев кажа дека вечерта на 27 април го видел Пепиќ пред собраниското бифе, му кажал дека е службено лице и го прашал дали може да помогне.

    „Му реков да направи што може да се смири ситуацијата. Мунир се обидуваше да најде решение и помагаше да се евакуираат повредени во бифето“, рече Ѓорчев.

    На крајот на сведочењето, Ѓорчев се обрати до судијката Кацарска да има милост кон обвинетите.

    „Го молам за милост и човечност овој суд за луѓево како што молев да не тепаат на 27 април. Молам да не отиде предалеку со овие луѓе. Кога сè ова ќе заврши кога ќе имаме 60 години и ќе се сретнеме на улица ќе треба да можеме да си кажеме добар ден“, рече Ѓорчев.

    На говорот на Ѓорчев реагираше обвинителката Вилма Рускоска која кажа дека тој не е во Собрание да држи говори туку во суд во својство на сведок.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира