НЕНАМЕРНА ГРЕШКА Е УПОТРЕБАТА НА „СЕВЕРНОМАКЕДОНЦИ“, МУ КАЖАЛЕ ОД КАБИНЕТОТ НА МАКРОН НА МИНИСТЕРОТ ОСМАНИ

    НЕНАМЕРНА ГРЕШКА Е УПОТРЕБАТА НА „СЕВЕРНОМАКЕДОНЦИ“, МУ КАЖАЛЕ ОД КАБИНЕТОТ НА МАКРОН НА МИНИСТЕРОТ ОСМАНИСпоред МНР, официјалниот став на Франција е целосно почитување на официјалното име на државата, државјаните на Северна Македонија, како и соодветните придавки, на начин како тие се дефинирани и прифатени во ОН, согласно Преспанскиот договор. (Фото: СДК.МК)

    Откако во петокот (24 јуни) Министерството за надворешни работи упати демарш до француската амбасада за употребата на кованицата „северномакедонци“ од страна на претседателот на Франција Емануел Макрон, денеска министерот Бујар Османи телефонски од неговиот кабинет добил објаснување дека се работи за ненамерна грешка.

    „Покрај редовната комуникација со амбасадата на Франција во земјава, министерот за надворешни работи Бујар Османи денес телефонски разговараше со кабинетот на претседателот Емануел Макрон, од каде доби уверување дека при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија, направена е ненамерна грешка, потврдувајќи го притоа официјалниот став на Франција за целосно почитување на официјалното име на државата, државјаните на Северна Македонија, како и соодветните придавки, на начин како тие се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор“, соопшти МНР.

    Во два дена, на 23 и на 24 јуни, Макрон всушност двапати Македонците ги нарече „северномакедонци“, а тоа кај МНР и кај јавноста предизвика бурни реакции и навреда. Првиот пат беше на 23 јуни на прес-конференцијата по завршувањето на првиот ден на Самитот на ЕУ во Брисел, а вториот пат беше на 24 јуни исто така на прес-конференцијата на крајот од самитот.

    Иако во целосната изјава на 23 јуни Макрон неколкупати употреби Македонија место Република Северна Македонија, сепак МНР веднаш реагираше до Француската амбасада за навредливиот термин „северномакедонци“. Претходно тој ден во Брисел, премиерот Димитар Ковачевски го одби францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија  за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира