НЕНОРМАЛНИ ГОРЕШТИНИ ОД ЧЕТВРТОК ДО НЕДЕЛА – ПРЕПОРАКА БРЕМЕНИТЕ И ХРОНИЧНО БОЛНИТЕ ДА НЕ ОДАТ НА РАБОТА

    НЕНОРМАЛНИ ГОРЕШТИНИ ОД ЧЕТВРТОК ДО НЕДЕЛА – ПРЕПОРАКА БРЕМЕНИТЕ И ХРОНИЧНО БОЛНИТЕ ДА НЕ ОДАТ НА РАБОТАДа се избегнува престој на отворено од 11 до 17 часот. (Фото: СДК.МК)

    Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од четврток до недела територијата на целата држава ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза. Од Министерство за здравство соопштија дека во престојниот период ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури и  превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.

    Министерството за здравство препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и хронично болни лица. Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Општините, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да укажат помош на постари, изнемоштени лица и бездомници. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик врз здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

    Од Министерството потсетуваат дека населението во летниот период потребно е да ги почитува општите мерки за заштита на здравјето. Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории, а при неопходен престој на отворено да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека при директна изложеност на сонце, заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор.

    Понатаму се препорачува да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење,  а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.  При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

    Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред нивната употреба; термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката, како и избегнување термички необработени производи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА       

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира