Независна листа во Општина Центар поднесе приговор во Државната изборна комисија оти им го нема логото на гласачкото ливче. На листата со кандидати за градоначалници и советници за општина Центар не е испечатено логото, што според нив е спротивно на членовите од Изборниот законик 97 Став 1 и 98 став 1.
„Врз нашите канидати е направена флагрантна дискриминација, ставање во нерамноправна положба и поништување на еднаквоста на избирачкото право. Оваа неправилност е контатирана на целата територија на општина Центар и може да претставува основа за поништување на изборите во оваа општина“, велат тие.
Во соопштението до медиумите се вели дека кандидатите за градоначалник и носител на советничка листа за Општина Центар безуспешно се обидувале да поднесат приговор електронски во системот на ДИК кој во тој момент не бил во функција.
Приговорот е поднесен преку електронска пошта и во архивата на ДИК.
Во прилог на приговорот независните кандидати прикачиле и фотографија со која докажуваат дека логото го испратиле во општинската изборна комисија на 11 септември 2025 година.
На последната прес-конференција на ДИК за излезноста до 15 часот беше кажано дека досега нема пријавено нерегуларности и дека изборите течат мирно.