Собранието ги донесе измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување по скратена постапка, откако седницата едвај почна со задоцнување бидејќи мнозинството не можеше да обезбеди кворум. Минимум кворум беше обезбеден со доаѓањето на лидерот на ДУИ Али Ахмети кој дојде во салата и се собраа 61 пратеник за да може гласањето да биде полноважно.
Со измените, предвидено е да се опфатат и индивидуалните земјоделци, односно да се изврши нова категоризација на земјоделците со што се дава можност за користење семејна пензија за дете инвалид за што досега немаше можност во законот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери веднаш потоа закажа нова седница и на точката за измени и дополнување на Законото за градење со кои се предвидува олеснување на градење на специфични објекти, на пример гранични премини, финансирани од европски фондови. Гласањето, иако во салата претходно имаше кворум, поради немање доволен број пратеници во салата, Џафери го поништи и во 13 часот закажа координација на пратеничките групи да се договорат што да се прави понатака.
Г. ТРПЕНОСКИ